Владините претставници веројатно ќе се вакцинираат после велигденските празници, кога и се очекува во земјава да пристигнат првите поголеми количини на вакцини.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на Поликлиниката во Шуто Оризари по повод отворање на ординација на матичен гинеколог.
„Владините претставници се пријавени на сајтот вакцинација.мк, така што кога ќе пристигнат првите поголеми количини, пред се мислам на кинеските вакцини, за кои најавено е дека ќе стигнат на 28 април и ќе бидат дистрибуирани ширум државата, за во вторник веднаш после празникот Велигден да започне вакцинацијата со тие вакцини и мислам веќе ќе бидат на ред и други институции кои спаѓаат во делот на критичната инфраструктура“, рече Филипче.
Тој апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцинација и смета дека со кампањата што ќе почне наскоро од Владата ќе се зголеми интересот за вакцинирање.
Филипче вели дека нема форма на вакцинален пасош, туку има потврди кои се прифаќаат од земјите во регионот. Тие, како што вели, се подготвени и веќе од следната недела ќе се издаваат.
Засега информациите, додава, се дека за влез во Грција освен таа потврда, алтернатива е негативен ПЦР-тест.
Прашан зошто оваа година е потребна потврда од офталмолог за упис на првачињата, Филипче рече дека досега не стигнала таква информација до него, но смета дека таа идеја не е лоша.
„Првпат ја слушам информацијата дека е потребна ваква потврда за офталмолошки преглед на децата, иако сметам дека доколку е така, воопшто не е лоша таа идеја, затоа што проценка на видот кај децата значи дека може рано да се детектираат одредени малформации или пореметувања на видот за кои можеби офталмолошко помагало, доколку навремено се аплицира, може да учествува во корекција на истиот.
Како концепт е добар, но ќе разговарам со колегите од МОН“, рече Филипче, додавајќи дека пристап до офталмолошка услуга граѓаните можат да искористат во сите ПЗУ кои имаат договор со Фондот.
МИА/Фото: МЗ