Неприфаќањето на предлогот на одбраната, пред сослушување на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев како сведок, да бидат изведени материјални докази, беше причина што одбраната на обвинетите во случајот “Меѓународен сојуз” не му постави прашања на сведокот Богоев.
Одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски, адвокат Сашо Дуковски, откако судијката Софче Ефремова, одлучи да не го прифати нивниот предлог да се презентират докази од усб материјал, изјави дека тие како одбрана се хендикепирани и затоа нема да му постават прашања на сведокот Богоевски.
Овој став го делеше одбраната на обвинетата Фросина Ременски.
– Прашања за сведокот ќе имаме кога судот ќе ни дозволи да ги презентираме материјалните докази, изјави адвокат Сашко Дуковски.
Ист став одбраната имаше и за сведочењето на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Градоначалникот Богоев на излегување од судот, изјави дека денеска се одзвал на добиената покана да се појави како сведок. Рече дека не знае за какви обвиненија станува збор.
Прашан дали има сознанија за одобренија за изградба на старечки домови во Карпош, Богоев кажа дека „ниту имало локација, ниту имало одлука, ниту документ или било што формално или неформално“.
Потврди дека има разговарано со Бојан Јовановски на оваа тема, но додаде оти за тоа ќе зборува во судот ако повторно биде повикан да сведочи.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчева.
За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Како правно лице обвинета е и невладината организација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Директорката на Македонска авторска агенција, Старделова сведочеше за „Меѓународен сојуз”
МИА