Нашата цел е да создадеме платформа, да создадеме мрежа на наши видни и успешни личности во дијаспората со што ќе придонесеме одливот на мозоци да се претвори во циркулација на мозоци, односно да ги вклучиме во нашите општествени текови. Затоа денеска претставувам една иницијатива за создавање на таа мрежа, односно за презентација на проектот МКарта за нашата дијаспора, за видни и успешни личности од дијаспората, како еден вид на признание за нивната улога, меѓутоа и како влезен билет за вклучување во нашите општествени текови, наведе на денешната прес-конференција министерот за надворени работи Бујар Османи.
Тој посочи дека со тоа сакаат тој дел од дијаспората да го интегрираме во нашето општествено делување и додаде дека таа мрежа ќе ја менаџира Министерството за надворешни работи како еден вид на фокал поинт со којшто ќе се создаде тој пул од наши видни луѓе во дијаспората коишто ќе бидат вклучени во разните работни групи и стратегии, одлуки коишто ги носи државата, меѓутоа и ќе го олесни нивното вклучување.
– Комисија во МНР ќе направи проценка на лицата на коишто ќе им биде даден овој вид на специјална лична карта односно овој влезен билет, врз основа на предлози коишто ќе ги добиеме од нашите дипломатско-конзуларни претставништва, од МНР, меѓутоа и од другите институции на системот коишто располагаат со информации за наши луѓе коишто се успешни во областите во коишто работат како дел од нашата дијаспора.
Овој влезен билет, оваа МКарта ќе им овозможи полесно основање на бизниси, поддршка од страна на институциите на системот, финансиска помош за нивни инвестиции овде, рече Османи.
Министерот наведе дека планираат да ги вклучат сите генерации од нашата дијаспора, има, како што рече, и такви кои немаат државјанство, на нив ќе им се олесни нивниот престој и основањето на бизниси овде, меѓутоа ќе имаат и одредени лични привилегии.
– На пример Министерството за култура ни овозможи да имаат слободен и бесплатен пристап до музеите и одредени културни институции, Министерството за образование овозможи да имаат привилегиран третман за користење на образовните институции во државата, исто така ќе имаат приоритет и во комуникацијата во однос на проектите што ги дава Министерството за надворешни работи за помагање дијаспората и тоа се сет на услуги и олеснувања кои ги овозможува овој влезен билет за вклучување во нашите општествени текови, односно оваа МКарта кој што ќе биде дадена од страна на МНР и со ова очекуваме највиталниот дел од нашата дијаспора да биде во функција на општествениот развој на државата преку нивно вклучување преку проектот МКарта, додаде Османи.
Министерот посочи дека проектот продолжува од утре со тоа што нашите дипломатско конзуларни претставништва почнуваат да ги идентификуваат успешните и интегрираните личности од дијаспората коишто ќе бидат дел од оваа жолта книга, од оваа мрежа којашто ја создаваме, а како што рече, мислам дека ќе има големо значење во нашиот однос кон дијаспората, меѓутоа и во нашиот однос со земјите каде што тие престојуваат.
– Ова се однесува на идентификување на видни личности коишто покажале успех во областите во коишто делуваат, во земјите кадешто живеат и делуваат, а ќе бидат идентификувани од страна на дипломатско-конзуларните претставништва со цел да бидат дел од оваа мрежа, додаде Османи.
МИА/Фото: МНР