Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) бара, освен парични, да има и затворски казни до една година за оние работодавачи кои нема да им исплатат плати на работниците иако за тоа добиле субвенции од државата.
Само така, велат од ССМ, ќе се стави крај на овој тип на прекршување на правата на работниците.
-Ние во нашите барања до Државниот инспекторат за труд и до Државниот пазарен инспекторат инсистираме да се примени Кривичниот законик и да има, не само парична казна, туку и казна затвор до една година за тие управители, менаџери и директори, за да се подигне свеста дека парите што ги дава државата се наменски, се за работникот, односно се даваат за субвенционирање на платата на работникот, рече претседателот на ССМ, Дарко Димоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој упати апел до сите работници да се охрабрат и да ги пријавуваат и овие, но и сите други прекршувања на нивните права.
-Ги охрабрувам работниците преку апликацијата е-советник да пријават за себе анонимно, за друго лице, да ја искористат оваа можност, а ние во име на ССМ ќе поведеме судски спор, бесплатно ќе ги застапуваме во судовите и ќе им дадеме бесплатна правна помош, рече Димовски.
Тој додаде дека казните се мали само доколку пријавите не се напишани така како што треба. Се казнува 200, 300, 400 евра, нагласи, ако не се знае како да биде попoлнета пријавата. Глобите, нагласи Димовски, можат да бидат значително поголеми, а ние како ССМ имаме ресурси и капацитетити да застанеме зад секој работник кому му се прекршени правата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За февруари и март 181 работодавачи, кои добиле државна помош, не исплатиле плати на 753 вработени
МИА