Вакцините дефинитивно ќе делуваат и на индиската варијанта на коронавирусот, дури и кога таа би станала доминантна во Македонија, тврди за „Слободен печат“, поранешниот директор на Центарот за јавно здравје Скопје и поранешен член на Комисијата за заразни болести, епидемиологот Александар Стојанов.
Тој смета дека во природата на вирусот е да се приспособува и да се создаваат нови и нови варијанти, меѓутоа, тоа нема да ја намали ефикасноста на вакцините.
– Можеби вакцините нема да бидат толку ефикасни во тој обем, бидејќи тие сепак се дизајнирани за почетната варијанта. Меѓутоа, индискиот не е сосема нов вид. Сигурно нема некој да заврши во болница и да почине.
Сигурно дека со вакцината состојбата ќе му биде подобра. Нема да биде така страшно. Не само за овој вид, туку и за другите мутации се однесува истото, вели д-р Стојанов.
Фото: МЗ