Ние не влегуваме во никакви замки поврзани со македонскиот јазик или македонскиот идентитет, тоа го повторив повеќе пати, го кажаа и министерот за надворешни (Османи) и вицепремиерот Димитров. Од она јас што го имам видено идејата на унилатералните изјави за некои прашања вклучувајќи го и јазикот, е токму тоа да се укаже дека имаме различни ставови по одредени прашања, па и тоа за јазикот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ова го изјави министерот за правда Бојан Маричиќ за медиумите на прес-конференција на Преспа форумот, запрашан дали нашата земја влегува во замка во однос на португалскиот предлог и унилатералната изјава во која С Македонија би кажала дека македонски јазик е кодифициран во 1945 година без да спомене дека постоел порано, со што се потврдува позицијата на Бугарија во нејзината унилатерална изјава дека јазикот не постоел пред 1945 година.
-Ние од нашата позиција не можеме да отстапиме, за нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме и не знам која е точната формулација, до крај, меѓутоа во никој случај немаме право ниту можност да признаеме дека македонскиот јазик постои од 1945 година.
Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван 45-та и тоа е прашање на факт, рече Маричиќ.
Тој повтори дека македонската страна јасно и недвосмислено кажала и во тие изјави и во други дека нашиот јазик постои, и е кодификуван 45-та, што е, вели, факт, а декларација што е посочена, нагласува, никаде ниту е усвоена, таа беше само предмет на разговори.
-Во моментот кога ќе дојде до усвојување на некаква декларација ќе можеме поконкретно да дискутираме. Но, треба да ги имаме предвид овие работи и со внимание да постапуваме, мислам дека нашата делегација внимателно ги разгледува сите прашања и во никој случај нема да дозволи да има каква било одлука или каква било декларација на штета на нашите интереси и на македонскиот јазик, истакна министерот за правда Маричиќ.
МИА/Фото: Влада