Министерството за здравство информира дека денеска пристигна најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот Ковид-19, моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите „Casirvimab“ и „Imdevimab“ одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Министерството за здравство по бројни преговори успеа да се приклучи кон Заеднички Договор за Рамковна спогодба на кој ексклузивно право имаат земјите-членки на Европската унија, за приоритетна достапност на моноклоналната „коктел терапија“.
Рамковната Спогодба со производителот „Hoffman-La Roche, Ltd (Roche)“ – Швајцарија, ја склучија 19 земји членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка.
Во рамките на Проектот за итно справување со кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, реализиран од страна на Светска банка, обезбедени се средства за оваа набавка.
Примената на методот на лекување за нашите пациенти, со оваа терапија во моментов не прави единствена земја на Западен Балкан за чии граѓани е достапен овој лек.
Терапијата се набавува за потребите на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од Ковид-19.
Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти,“ се вели во соопштението.
„Казиривимаб“ и „Имдевимаб“ (порано познат како REGN-COV2 или REGEN-COV2) е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од „SARS-CoV-2,“ вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19.
Фото: Фејсбук/Филипче