Актуелните мерки за патување во Грција, односно задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, продолжени се за уште една седмица, до 19 август, согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што утрово стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.
Северна Македонија и понатаму е на листата трети земји за кои не важи забраната за влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини, а за патување во Грција потребен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар.
Поконкретно, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите предуслови за патување во Грција.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Алтернативно, како што пишува во официјалната одлука, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Европскиот дигитален Ковид сертификат е уште една алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен карантин, а во случај да се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, потребно е да направат ПЦР тест.
Промени има во однос на лицата што се заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19.
Тие имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, доколку добијат два негативни резултати од два теста направени во текот на 24 часа и да носат маска Н95 додека патуваат.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.
Во случај блиските контакти да се вакцинирани или да прележале Ковид-19, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.
На листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, освен Северна Македонија, дозволено е патување и за државјаните на Сан Марино, Азербејџан, Андора, Австралија, Албанија, Босна и Херцеговина, Ватикан, Ерменија, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Јапонија, Јордан, Израел, Канада, Катар, Кина, Косово, Кувајт, Белорусија, Либан, Црна Гора, Молдавија, Монако, Бахреин, Брунеј, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Украина, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Турција.
Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат и за Грците.
МИА