Министерството за надворешни работи го осуди сквернавењето на спомен-плочата во Охрид на загинатите бугарски туристи во бродската несреќа во Охрид.
Информира дека споменикот е вратен во првобитната состојба и оти станува збор за изолиран случај, што не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.
-Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува последното сквернавење на спомен-плочата „Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро.
Веднаш штом добивме информација за овој чин, од страна на надлежните државни власти беа преземени соодветни мерки и споменикот за кратко е вратен во првобитната состојба. За оваа информација благовремено, со нота, е известена и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, наведува МНР во соопштение.
Во оваа прилика, се дополнува во соопштението, сакаме да потенцираме дека се работи за изолиран случај, кој не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.
-Република Северна Македонија продолжува со политики и активности во насока на унапредување на добрососедските односи со сите наши соседи, за што постои поддршка од огромно мнозинство граѓани на земјава, истакнува МНР.
Претходно, како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарското Министерството за надворешни работи објави дека длабоко жали за повторениот чин на сквернавење на спомен плочата на 15-те бугарски туристи.
– Очекуваме властите во Република Северна Македонија да преземат брза акција за откривање на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата, како и враќање на спомен плочата во автентична форма, наведоа од бугарското МНР.
МИА/Фото: МИА