еМагазин
Image default
Забава

Стартува 12-то издание на „МакеДокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 12-то издание ќе биде отворен на 19 август во Куршумли-ан со документарниот филм „Луѓето од гаражите“ (Германија, 2020, 93 мин.) на сценаристката и режисерка Наталија Јефимкина. Во истиот блок, којшто почнува во 21 часот, ќе биде прикажан и краткиот документарен филм „Џукели“ (Канада, 2019, 18 мин.) на Халима Уардири.

Основна тема во филмот „Џукели“ е прифатилиште за кучиња-скитници во Мароко, каде времето застанало за 750-те животни кои чекаат посвојување, а нивните животи следат една прецизна, еднолична рутина.

Документарецот „Луѓето од гаражите“ ги следи приказните на луѓе кои живеат во гаражни населби во постсоветска Русија. Иако однадвор личат на негостопримливи лимени шупи, гаражите често им нудат бегство на мнозина Руси, повеќето од нив мажи.

Вечерта на отворањето на фестивалот ќе биде заокружена со концертен настап на Добрила и Дориан Дуо во рамките на музичката програма „МакеДокс: Ноќни приказни“.

На филмската програма на 12. МакеДокс планирано е од 19 до 26 август на четири локации да бидат прикажани над 70 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентска програма, како и категоријата Етички идеи.

Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – Украина и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот се одржува со мото „Што сега?“, а главниот фокус ќе биде ставен на дистрибуцијата на документарниот филм со посебен акцент на промоцијата на филмовите на фестивалите низ Европа.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот, кој ќе се одвива онлајн, на 21 август е предвиден е мастерклас со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови, додека централно место во овој сегмент зазема третото издание на МакеКоПроДокс форумот, што ќе се одржи од 23 до 25 август. Форумот ќе се одржи онлајн, а присутни во Скопје ќе бидат модераторките Хеле Хансен, Бриџит О’Шеа и Зејнеп Ѓузел. Првата активност на Форумот, практично, се одржа на 17 август, со онлајн-работилница за „пичинг“ на 11-те проекти за документарни филмови во фаза на продукција или копродукција.

Програмата Земја во фокус, во чии рамки ќе бидат прикажани 10 нови документарни филмови од Украина, ќе биде отворена на 20 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Територија на празните прозорци“ (2020, 10 мин.) на Зоја Лактионова и „Дождов никогаш нема да запре“ (2020, 104 мин.) на режисерката Алина Горлова. На фестивалот е планирано да гостуваат десетина автори на филмовите од Украина.

Дванаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, Норвешка амбасада Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, Амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, Амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.

Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.

Медиумски покровители на 12. МакеДокс се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Плагиј.ат, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака и Гледај.мк.

Сите програмски активности на фестивалот ќе се одвиваат според протоколите што важат од 18 август 2021 година.

Согласно протоколите, нема да можеме да одобриме влез во фестивалскиот простор доколку не биде ставен на увид сертификат за вакцинираност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Како прилог во борбата против корона вирусот, бесплатен онлајн стриминг на „Прашина“ на Манчевски

Редакција

Концертот на Стинг одложен за половина час подоцна, поради финалето Вардар-Веспрем

Редакција

Картите за концертот на Ерос Рамацоти од 1.990 до 3.990 денари

Редакција