Владата на седница донесе измени и дополнувања на мерките за спречување на ширењето на Кoвид-19, според кои се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30% од капацитетот на просторот, а на отворено до 50% од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, соопшти владината прес-служба.
Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница, според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест Ковид-19 или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката.
Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на Ковид-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.
Владата денеска ги усвои и Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта, во учебната 2021/2022 година, како и протоколите за постапување на средните и на основните училишта, за реализација на воспитно-образовниот процес, со физичко присуство на учениците, во учебната 2021/2022 година.