Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не мисли оти цела Влада треба да си поднесе оставка поради несреќата во Тетово, а за понудените оставки на министерот Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, директорот и економскиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми ќе се произнесе откако ќе заврши истрагата. Тој посочи дека нема информации до каде е истрагата.
– Прво, трагедии се случуваат насекаде во светот. И како што реков, во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата, како чин којшто е пред се од човечка причина, чин којшто пред се од етички, од морален аспекти и еве тие ја доставија оставката.
Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка заради ова, рече Заев по отворањето на МЕФ и дополни дека се уште нема информации од истрагата.
На прашањето дали министерот за здравство Филипче доаѓа на работа, премиерот одговори потврдно.
– Секако, негова должност е се додека не биде правно формално тргнат од неговата функција, како министерот, така заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата должност им е да ја извршуваат својата функција до доаѓање на нов, рече Заев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заменик министерот за здравство Хасани, кој си поднесе оставка се врати на работа
Премиерот повтори дека пожарот во модуларната болница е голема трагедија и дека веќе се дојдени претходниците кои го обезбедуваат целиот простор во Тетово и ги прават првите согледувања и го подготвуваат теренот за форензичарите од Германија кои доаѓаат како испорака на НАТО-земја членка, да ни помогне во експертизата за завршувањето на форензичката истрага како последица на страшната трагедија.
За тоа која фирма ги монтирала болниците и вршела надзор, Заев истакна дека не ги знае сите детали и оти надлежните институции ќе ги дадат сите информации.
– Модуларните болници се проект на Светска банка, спроведен преку Министерството за труд и социјална политика, во кредитна линија која ја повлековме за потребите на социјалните случаи и здравствениот систем.
Примопредавањето е јасно опишано во закон за ваквите објекти и не би навлегувал детално. Сигурен сум дека институции ќе ви дадат сите информации. Проектот беше воден од Светска банка. Во него учествуваа министерствата за труд и социјална политика и за здравство и е направен според сите прописи, изјави Заев.
Тој посочи дека форензичари од МВР и експерти од Дирекцијата за заштита за спасување, со експерти од Германија, треба да ги дадат деталите од истрагата.
– За мене е важно да има брз резултат затоа што граѓаните пред сè тоа го бараат, рече Заев.
Прашан зошто неколку дена не се огласувал за случајот, Заев рече дека не бегал од одговори, туку ги почитувал деновите на жалост.
– Четврток, петок, сабота и недела немав изјави, немав прес-конференција. Трите дена беа денови на жалост и секако како денови на жалост, во моменти на чувствителност не би сакал на никаков можен начин да влијаам врз севкупниот впечаток, истраги или што било што е поврзано со ова се со конечна цел да соодветните експерти и институции испорачаат одговори на сите овие прашања за коишто се заинтересирани пред се семејствата на починатите, но и сите наши граѓани, рече Заев.
МИА/Фото: МЗ