Ви ја пренесуваме новата анализа на проф. Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.
“30.10.2021. Во Битола епидемијата започнува да чекори со малку побрзо темпо.
Дневните броеви на нови случаи се речиси на ниво на августовскиот бран, иако времето сé уште е топло и штотуку зачекоривме во есента.
Многу подобра слика ни дава вториот дијаграм, графикот на 14-дневната инциденца (зелената линија).
Иако во август поминавме прилично лесно во однос на остатокот од државата (црвената линија), забележуваме дека сега битолската линија искачува пострмо од државната.
Дали отворањето на диско и ноќните клубови во саботата, како акт на граѓанска непослушност, ги дава првите резултати?
Бројот на активни случаи никогаш не опаднал позначително, а како што тргнале работите, за 1-2 недели ќе биде надминат августовскиот врв со 287 активни случаи (денеска веќе има 245).
Репродукцискиот број не е многу висок, Rt=1,28 +/- 0,63, но ако потрае вака, броевите ќе започнат побргу да растат.
Засега, за среќа, морталитетот е релативни низок (на четвртиот дијаграм).
Седумдневниот просек на дневниот број на починати изнесува околу 0,57 на 100.000 жители (односно околу 6 на милион жители) што е „само“ двојно повеќе од просекот на Израел во овој бран, но сепак подобро од државниот морталитет.
Засега ефективноста на вакцините против смртен исход прилично добро се држи, да видиме дали така ќе остане и во текот на зимата.
Да заклучиме, трендот е неповолен, бранот кај нас доаѓа подоцна отколку во Скопје и на североистокот, но засега и таму ширењето не е експлозивно, туку прилично постепено.
При ваков постепен пораст на броевите на нови случаи (умерен ефективен репродукциски број Rt), има доволно време за затворање на отворените случаи, па активните не можат многу да се натрупаат.
Слично е и со хоспитализираните, коишто ги има околу 8% од активните, така што се чини дека во Битола нема да имаме проблем со болничките капацитети во овој бран – да се надеваме и последен“, пишува тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Фејсбук/Трајковски