еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

ДКСК со јавен повик за средношколци за креативни решенија на тема заштита на укажувачите

Заштитата на укажувачите во општеството е основа за поголем интегиртет на институциите и јакнење на основните демократски вредности. Укажувачите се симбол на одбраната на јавниот, наспроти личниот интерес и имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и судирот на интерсите.

За да се создадат услови за нивна поголема заштита, неопходна е поголема едукација и информираност на целокупната јавност за заштитеното пријавување на корупција и судир на интереси.

За таа цел, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) распиша јавен повик за изработка на цртежи, на кој може да учествуваат сите средношколци, особено оние од средните уметнички училишта. Целта на овој повик е да се поттикнат младите да ги искажат своите погледи на оваа тема, преку изработка на визуелни пораки, графики и кратки стрип приказни, информираат од таму.

На тој начин и младата популација ќе се вклучи во процесот на информирање и едукација на јавноста за укажувачите, како модел во општеството, како и за важноста на нивната заштита.

Сите заинтересирани средношколци можат да ги испратат своите креации на следниот линк: transparentnaumetnost.mk.

Најдобрите дела ќе добијат сертификат и стручна литература од областа на графичкото цртање.

Повикот е дел од кампањата за заштита на укажувачите на Државната комисија за спречување на корупцијата во рамки на ИПА II Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“, финансиран од  Европската Унија.

„Укажувачите се многу значаен сегмент во демократските општества, бидејќи се работи за луѓе кои не се двоумат својот комодитет и можносите за напредок во кариерата да ги нарушат заради општото добро. Затоа е важна што поголема едукација на населението за укажувачите и тоа почнувајќи од младите, па сѐ до повозрасните генерации.

За заштита на укажувачите е донесен Закон, но најважно во овој процес е информираноста за овие механизми за заштита, бидејќи само така ќе поттикнеме и во иднина овој модел да функцинира без да се загрозат овие лица.

Овој процес мора да ги вклучи сите и ни претставува огромно задоволство што преку овој јавен повик ќе ги вклучиме и младите, бидејќи кај нив се свежите и смели идеи“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Преку јавниот повик ДКСК има за цел на креативен начин да придонесе за разбирање, прифаќање и поддршка на заштитеното укажување, а воедно и да придонесе за поголемо почитување на чесноста и искреноста, како највисоки продобивки во нашето општество.

Наградите за најдобрите визуелни пораки ќе бидат доделени на 9. декември 2021 година, на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата и судирот на интерси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Започнува „НЛБ Месецот на штедење“: Ликовен конкурс за деца и иновациски награден предизвик за основните училишта

Редакција

(Фото) Македонскиот врвен модел Ивана Манас изработи моден едиторијал за престижниот ЕLLE – Грција

Редакција

(Фото) Park Hotel & Spa го одбележа вториот роденден: Неделен бранч во друштво на амбасадори и претставници на амбасадите

Редакција