На денешното рочиште за “Плацеви на Водно“, сведочеше и Влатко Чинговски, поранешниот директор на ЕЛЕМ и поранешен партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ, пренесува Фокус.
Од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашуван околу финансирањето на партијата, со цел докажување на тезата на Обвинителството дека екс премиерот Никола Груевски со партиски пари купувал земјиште на Водно.
На прашањето дали додека бил директор, во неговата канцеларија доаѓале лица кои оставале пакети за партијата, тој појасни дека бил задолжен да биде линк меѓу општинските комитети и централниот комитет.
-Тогаш се случувало да добивам материјали и документи во мојот кабинет, со назнака дека се за генералниот секретар на партијата, кога беше Кирил Божиновски. Тие документи не ги отворав, туку во првата прилика сум ги доставувал до генералниот секретар, во зависност каде бил лоциран.
Во 2010 година, кога престанав да бидам член на Извршниот одбор, најчесто таквите документи ги доставував во неговата канцеларија во Влада, каде што беше генерален секретар, а многу ретко во штабот, истакна сведокот.
Тој појасни дека средбите со Божиновски му траеле кратко.
-Нашите средби траеја многу кратко, тој беше многу зафатен. Она што мене ми стана сомнително кога при еден разговор по телефон со Божиновски, тој рече дека содржината на документите не соодветствува на она што тој го очекувал. Спомна бројки, цифри, што мене ме зачуди, и дознав дека покрај документацијата има и финансиски средства.
Бев крајно разочаран, бидејќи дотогаш немало проблем и не сум очекувал во дел од нив да има и финансиски средства. Разговарав со Божиновски дека тоа е неприфатливо и не сакам повеќе да се случува, сведочеше Чинговски.
По тој разговор, појасни дека во еден период немало забелешки од Божиновски.
-Немаше никакви јавувања по однос на содржината, но подоцна се случи истото уште еднаш или два пати и сфатив дека мојата реакција не вродила плод. Затоа при првата средба со Никола Груевски му кажав дека не сакам да имам такви активности, рече сведокот.
На прашањето дали знаел кој ги испраќа овие пакети за партијата, тој одговори дека немал информации.
-Не разговаравме за имиња, но ми беше нагласено дека тоа се пријатели на партијата кои сакаат да помогнат, но не сакаат да бидат видени. Никогаш не сме зборувале дека е ова лице, или таа фирма. На пликото стоеше само до генералниот секретар Божиновски, рече сведокот.
На прашањето на еден од адвокатите, дали тој со свои очи видел пари во пакетите, Чинговски рече дека не видел, но како што рече, логично заклучил од муабетот на Божиновски, кој споменувал цифри.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Некогаш донаторите ги даваа парите на Груевски, кажа Јанкулоска на судењето за „Плацеви на Водно“