Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.
“30.12.2021. 666-ти ден од епидемијата во Македонија, сметано од првиот извештај на ИЈЗ Скопје до денес.
Репродукцискиот број Rt веќе значително се искачи над единица (Rt = 1,17 ± 0,33) и растот на дневните броеви се забележува веќе и со голо око.
Минимумот беше достигнат на 22.12.2021 и од тој ден започна постепениот раст на бројот на случаи (на дијаграмот на втората слика).
Очигледно е дека омикрон сојот е веќе меѓу нас и тивко се шири, но веќе за две недели растот може да стане експлозивен.
Моментално не можеме да знаеме дали зголемената преносливост (Rt>1) се должи на значителната застапеност на омикрон сојот или на предновогодишните собири.
Доколку не беа собирите во прашање, оваа преносливост веќе би укажувала на доминација на омикрон сојот.
Но, ако не денеска, околу Василица речиси сигурно омикрон сојот ќе стане доминантен и ќе гледаме стрмо искачување на бројките.
Сегашното групирање, претстојните дочеци и репризи на дочеците и зголемена преносливост на вирусите од делта сојот уште повеќе им помагаат на вирусите од омикрон сојот за позабрзано да се пренесуваат.
Потврда за почеток на новиот бран, бранот на омикрон сојот, ни дава и пресекот на брзата со бавната подвижна средина (Moving Average Crossover) на дијаграмот на третата слика.
7-периодната подвижна средина (црвената линија) ја пресече оддолу нагоре 14-дневната подвижна средина (сината линија), што во техничката анализа на трендовите означува почеток на нов, нагорен тренд.
На четвртиот дијаграм гледаме, исто така, дека наклонот на кривата на 14-дневната инциденца од надолен, премина во нагорен, а црвената линија ни дава прогноза на искачувањето на оваа инциденца (14-дневниот просек) во наредниот период.
Во понеделник ќе видиме дали овие покачени броеви на нови случаи ќе се одразат и на бројот на хоспитализирани.
Доколку стапката на хоспитализираност (процентот на хоспитализирани од бројот на активни случаи) се намали, тоа би значело дека омикрон сојот го зголемува своето учество.
Иако последните извештаи од Велика Британија кажуваат дека стапката на хоспитализираност е за 70% (т.е. за повеќе од три пати) помала отколку порано, за време на делта сојот, не треба да се радуваме прерано, заради стрмиот раст на бројот на нови случаи, што сепак може да доведе до многубројни хоспитализации.
Тука многу би помогнало скратеното време на хоспитализираност (сé на сé 3-5 дена, во случајот на омикрон сојот), поради што не се очекува преполнување на болниците, но кај нас никогаш ништо не се знае.
Единствена лоша вест од Велика Британија е дека стапката на леталитет кај хоспитализираните од омикрон сојот не се разликува значајно од стапката кај делта сојот, така што ако гледаме приближно исти броеви на новохоспитализирани, ќе гледаме слични дневни броеви и на починати.
Кај нас може да биде и полошо, поради помалиот опфат со вакцинација, а вакцините (иако ефективноста против заразување е блиску до нула), сепак донекаде штитат од смртен исход, дури и во случајот на омикрон сојот.
Кај прележаните, пак, ефективноста против заразување е во просек за 5,4 пати полоша отколку во случајот на делта сојот. Тоа значи дека, ако во првите 4 месеци од прележувањето само 5% од прележаните на делта сојот биле подложни на ново заразување (според резултатите на едно истражување), од омикрон сојот би биле подложни на заразување преку 20%.
Колку подолго време од прележувањето – толку помала заштита, така што ланските прележани имаат сосема мали шанси да избегнат заразување доколку дојдат во контакт со вирусот, иако шансите против смртен исход им се високи, благодарение на меморискиот имунитет.
Штета што не живееме во некаква поорганизирана земја, како земјите од Далечниот Исток за да можеме да се надеваме на избегнување на заразата. Тука нам едноставно ни е судено, порано или подоцна да го добиеме корона вирусот, односно барем една од неговите варијанти, со сета неизвесност што таквата инфекција ја носи,“ пишува Трајковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф. Трајковски: Смртноста од Ковид-19 е многу висока, 4%, граѓаните да се заштитат со бустер доза
Фото: Фејсбук/Трајковски