Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги соопшти имињата на новите министри.
За вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремиер задолжен за економски прашања коориднација на економските ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремиер за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.
За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ, поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Спасовски, за министер за правда Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.
За министер за труд и социјална политика, Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола.
За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски.
Од сите нив, како што изјави Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.
Тој најави дека составот на Владата и владината програма денеска ќе ги достави во Собранието.
– Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизвици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. Поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, изјави Ковачевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои министри заминуваат: Димитров нема да биде дел од новата Влада
МИА/Фото: СДСМ