еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Во 2020 година имало 55.444 казни по сите основи во сообраќајот, лани нивниот број пораснал на 240.871

Министерство за внатрешни работи, за четири пати го зголемило обемот на сообраќајни контроли лани, во однос на 2020 година, покажуваат статистичките податоци кои ги презентираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата Агенда 35 на МРТВ.

На забелешката дека малите бројки во 2020 година можеби се должат на ковид-пандемијата, затворањата, намалениот интензитет на сообраќајот, Спасовски вели дека напротив, во таа година бројката на жртви во сообраќај изнесувала 125, наспроти 111 во 2021 година.

Јавноста секојдневно е информирана за засилени акциски контроли на полицијата, за изречување на мерки, но кога ќе загинат двајца пешаци за неполна недела, граѓаните меѓудругото, ја осудуваат и работата на полицијата, бидејќи не е доволно на терен за да превенира.

Но според министерот Спасовски, податоците покажуваат колку полицијата е активна и на каков начин се третира прашањето за безбедноста во сообраќајот.

„Во 2020 година имало 55.444 казни по сите основи во сообраќајот, лани пак имаме 240.871 казни. Значи за четири пати се зголемува обемот на контроли на сообраќајот во државата. 2013 година сме имале 198 жртви за една година во сообраќај, 2016 има 165 жртви, и 2021 имаме 111. Заклучокот е дека секоја година имаме драстичен пад.

Санкции за возач почетник во 2020 се 1.997, во 2021 се 4.386. Санкции за непрописно престигнување, во 2020 се 782 во 2021 се 4.227. Санкции за нерегистрирани возила во 2020 се 163, а во 2021 се 402.

Еве ја можеби најдрастичната разлика, санкции за пребрзо возење, тоа што сите се прашуваме зошто и на кој начин се вози по улиците, 2020 завршува со 4.470 санкции, а во 2021 се 104.703 санкции.

Ова само покажува колку полиција има на терен. Или санкционирани пијани возачи во 2020 се 3.530, а во 2021 се 10.360 возачи под дејство на алкохол, санкции за управување без возачка дозвола, во 2020 17.480, а во 2021 се 24.053,“ вели Спасовски.

Поставувањето на камери на автопатиштата и регионалните патни правци беше најавено за лани, но за овој проект се работи на неговата финансиска конструкција.

„Комплетно ни е подготвен проектот, работиме на финансиската конструкција, бидејќи тоа не се малку финансиски средства кои треба да се издвојат од буџетот. Има неколку варијанти врз основа на кои можеме да дојдеме до целосно завршување на овој проект.

Очекувам дека наскоро ќе го затвориме целиот овој процес и ќе можеме да преминеме на реализација.

Неговото спроведување пред се ќе значи исклучување на човечкиот фактор во делот на следење на состојбите во сообраќајот, затоа што е важно секој еден без селективност, транспарентно да сноси одговорност за она што го прави,“ додава Спасовски, кој потенцира дека за да постојат добри сообраќајни контроли и тоа да се прави во континуитет, важна е техничка опременост на одделот за сообраќајна полиција. 

„Во 2015 година, во МВР имавме само 10 радари за мерење на брзина и само седум апарати за алко тестирање. Затоа набавивме најсовремени радари за дневно контролирање во сообраќајот.

Прв пат во независна Македонија имаме и радари за ноќно снимање, огромен број на дрегери за алкотестирање, сега имаме можност тоа да го правиме во континуитет и затоа го зголемуваме и обемот,“ објаснува Спасовски.

Според министерот, во подигнувањето на нивото на сообраќајната култура треба да учествуваат сите, граѓаните како поединци и функционирање на сите засегнати институции.

„Граѓаните реагираат кога има премногу полиција на улиците, за да после каков било немил настан, сосема оправдано, дури истите луѓе да реагираат дека нема доволно полиција.

Секој еден учесник во сообраќајот кога е од страна и нема директно да учествува, секогаш гледа проблем на оние кои се учесници во сообраќајот, во возачите, итн, се до моментот додека тој не е дел од сообраќајот, тогаш сме помалку самокритични за тоа дека правиме одредени состојби на непочитување на сообраќајните правила или прописи,“ вели Спасовски.

Во зголемување на сообраќајната култура од голема важност е едукацијата во основните училишта, која што е инцидентна и недоволно е застапена.

Спасовски потенцира дека безбедноста во сообраќајот не зависи само од Министерството за внатрешни работи, иако е најповикано. Најважна е соработката помеѓу надлежните институции и сектори, како и системска едукација.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уште една наставничка од Кавадарци позитивна на Ковид-19, во изолација 14 ученици

Редакција

Регистрирани 190 нови случаи на Ковид-19 од 2.636 тестирања

Редакција

Турција воведува задолжителен ПЦР тест за Ковид-19 при влез во земјата

Редакција