На плоштадот „Македонија“ во Скопје, Украинците денеска излегоа на протест да изразат поддршка на нивните роднини и пријатели во Украина.
Облечени во боите на Украина, со украински знамиња и натписи „СТОП Путин“ „СТОП за руската агресија“, „Поддршка за Украина“ и „СТОП за војна на 21-век“, членови на Здружението на Украинци во Северна Македонија, поддржани од локални жители и Украинци кои живеат во државава испратија апел за мир, марширајќи кон Руската амбасада во Скопје.
Од Здружението на Украинци порачаа конфликтот да се реши на дипломатско ниво.
– Нашата војска е спремна да даде отпор, но, дипломатија треба да е на прво место. Да се реши овој конфликт на дипломатско ниво, да се сопре војната и да има мир, посочија учесниците на протестот.
Деновиве, како што најавија, ќе протестираат и преку социјалните мрежи.
– Ќе се протестира и на „Фејсбук“, и на „Инстаграм“ и тука ако треба ќе доаѓаме секој ден. Веруваме дека со протести на Украинците низ цел свет ќе се запре таа војна многу брзо. Сакаме да веруваме во мирен пат на решавање, беше истакнато на протестот.
Претседателот на здружението рече дека моментално немаат пријавено луѓе кои би сакале да дојдат тука, но, дека како здружение се подготвени да им помогнат на Украинците доколку побараат помош.
Според учесниците на протестот, она што се случува во Украина е голема катастрофа.
– Живееме во Македонија повеќе од пет години. Имаме три деца и знаеме што е ако некој родина има деца и се грижи за децата. Она што сега се прави во Украина е голема катастрофа. Не зборуваме само за штета, за воени оштетувања. Сега има цивилни штети, посочи еден од учесниците на протестот.
На протестот имаше и локални жители, кои, исто така, дадоа поддршка. Една од нив прашана дали би примила бегалци од Украина, рече дека ова тло знае што значи да се биде бегалец и да се нема дом.
– Ова тло знае што значи да се нема дом, да се биде бегалец, па белким луѓето во гените ќе го почувствуваат тоа и ќе го направат тона што знаат дека треба да го направат, рече таа.
Руските трупи во четвртокот започнаа инвазија врз Украина од земја, воздух и море.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото/видео: МИА