„Не летај, летувај“ е насловот на новата едукативна кампања што ќе се реализира во следните два месеци како резултат на меѓусебната соработка на Министерството за внатрешни работи и РСБСП. Цел на оваа кампања е едукација и подигнување на свеста за безбедно и одговорно патување во текот на летото и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив.
Деновите наменети за летен одмор, во Македонија и во светски рамки се познати како најфатални денови на патиштата кога бројот на сообраќајни незгоди со фатални последици драстично се зголемува. Како одговор на оваа загрижувачка појава и на црната статистика, светските организации секоја година ја реализираат кампањата „100 Deadliest Days of Summer“.
Статистиката говори дека во текот на месеците јули и август, во Македонија, минатата година се случиле 39 сообраќајни незгоди во кои загинале вкупно 47 лица, а во 826 сообраќајни незгоди потешко се повредени вкупно 1333 лица. Тоа е причина и мотив, токму во овој период, возачите и сите останати учесници во сообраќајот дополнително да се едуцираат за правилата и прописите, односно за начинот безбедно и одговорно да стигнат до посакуваната дестинација.
МВР и РСБСП се традиционални партнери во реализација на вакви и на слични сообраќајно-превентивни активности. И овој пат сме решени со заеднички сили да направиме сѐ што е во наша моќ да го намалиме бројот на сообраќајни незгоди и бројот на настрадани лица во нив. Познат факт е дека комбинацијата од превентивни и репресивни мерки дава најдобри резултати кога е во прашање безбедноста во сообраќајот – потенцираат од РСБСП.
Кампањата ќе се реализира во текот на месеците јули и август и овој период РСБСП и МВР со координирани акции ќе бидат често присутни во јавноста и на терен. Едукативните активности и едукативните материјали ќе бидат изготвени на македонски и англиски јазик и покрај домашните возачи ќе бидат опфатени и туристите, како и возачите кои транзитираат низ Македонија.
„Безбедноста на сообраќајот на патиштата е врвен приоритет на Министерството за внатрешни работи и согласно тоа, како министерство, во изминатиот период, посветуваме сериозно внимание на оваа проблематика. Сообраќајните контроли ги има сѐ почесто и истите ќе се интензивираат во наредниот период.
Целта е поголема безбедност во сообраќајот и заштита на животот и здравјето на учесниците во сообраќајот. Меѓутоа, наша цел како Министерство за внатрешни работи не е само репресија, туку и превентивно дејствување преку едукација и подигање на свеста и во таа насока заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во наредниот период ќе реализираме повеќе едукативни акции за одговорно учество во сообраќајот – потенцираат од МВР.
Ова лето ќе се реализираат бројни сообраќајно-едукативни активности, односно ќе биде организирана акција за дистрибуција на едукативни материјали на влезните гранични премини во Република Македонија, ќе биде поставено скршено возило од сообраќајни незгоди на јавни места со пораки за потсетување на последиците од сообраќајните незгоди, ќе бидат организирани мобилни пунктови за делење вода и едукативни материјали долж коридорот 8 и 10, ќе бидат организирани едукативни акции по угостителски објекти и многу други активности со цел подигање на свеста за побезбеден сообраќај.
Летото е време за одмор и релаксација, но за жал статистиката потврдува дека летниот период многу семејства остануваат без своите најблиски, односно многу животи се загубени на патиштата поради грешки или поради неодговорно учество во сообраќајот. Пораката на РСБСП до возачите е „Ова лето, не летај – летувај!“.
МВР и РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да внимаваат на високите температури и на техничката исправност на возилото, да возат одморени и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.