Собранието денеска во рамки на 66-седница ја избра Марија Георгиевска, пратеник од СДСМ и Коалицијата за претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
За член на Комисијата беше избран пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, а за заменици членови Хусни Исмаили од Алтернатива и Елми Азири од Алијанса за Албанците.
Во образложението на Одлуката стои дека според моменталното процентуално учество на политичките партии во вкупниот број пратеници СДСМ и Коалицијата имаат 36,67 проценти, ДУИ 12,5, Алијанса за Албанците 6,67, Алтернатива 3,33, Левица и Движењето БЕСА 1,67, а ДПА 0,833 проценти.
-Врз основа на бројот на пратениците во составот на оваа Комисија СДСМ и Коалицијата учествува со пет пратеници, ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата со пет, ДУИ со два, и Алијанса за Албанците со еден пратеник, со што, како што се нагласува е пополнет составот на Комисијата, се вели во образложените на донесената Одклука.
Георгиевска беше избрана на местото на пратеникот Костадин Костадинов, кој беше претседател на Комисијата и кому му престана пратеничкиот мандат заради избор на друга градоначалничка функција, што беше констатирано на седница на Собрание на 5 ноември 2021 година.
Од функцијата член на оваа Комисија претходно на седница одржана на 3 март годинава беше разрешен пратеникот Фадил Зендели, поради што мнозинството на негово место го предложи, а Собранието го избра пратеникот Дарко Каевски од СДСМ и Коалицијата.
Каевски претходно беше заменик член на Комисијата, место кое сега се пополнува со пратеникот Хусни Исмаили од Алтернатива на предлог на СДСМ и Коалицијата.
Заради соодветна застапеност со Одлуката на Алијанса за Албанците и се доделено место заменик член на Комисијата, место за кое Собранието согласно усвоената одлука го избра Елми Азири од Алијанса.
Пред гласањето на Одлуката за збор се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој истакна дека оваа партија и Коалицијата нема да ја поддржат бидејќи, како што рече, со неа се крши Деловникот.
Оваа одлука, како што рече, мнозинството во Собранието ја носи врз основа на силата на бројноста и бројките, а не врз оснона на силата на правото и Деловникот. Ние, нагласи Мицевски, „нема да гласаме за неа, затоа што не сакаме да ви ја легализираме дивоградбата што сакате да ја поставите“.
МИА