еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 1,75%

На 10 мај 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од таму.

„По промените во инструментот задолжителна резерва и зголемувањето на основната каматна стапка во април на 1,5%, како превентивен одговор на нагорните движења кај инфлациските очекувања, на мајската седница на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка за 0,25 п.п., на нивото од 1,75%.

Понудата на благајнички записи на денешната аукција изнесува 10 милијарди денари.

При донесувањето на ваквата одлука, беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.

Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања.

Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка,“ велат од Народна банка.

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата, во април 2022 година, забрза и достигна годишна стапка од 10,5%, што упатува дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.

Движењата кај домашната инфлација се во согласност и со глобалната инфлација, вклучително и со инфлацијата во регионот на Централна и Југоисточна Европа, каде што просечната инфлација за април е околу 11%.

Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи.

„Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет.

Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.

Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката,“ се додава во соопштението.

Девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви се на соодветното ниво согласно со сите меѓународни стандарди.

„Од почетокот на годината, на девизниот пазар имаше зголемена потреби за девизи од компаниите заради повисокиот увоз на енергенси, во услови на значителен раст на светските цени на овие производи.

Во текот на април и мај овие притисоци значително се намалија, заедно со притисоците поврзани со неоснованите шпекулации за курсот, при што тековно девизниот пазар е стабилен, а се забележува и сезонски поголема понуда на девизи.

Во однос на движењата во реалната економија, во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4%, во рамките на очекувањата. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2022 година упатуваат на натамошен раст на домашната економија во овој период.

Но, со воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, дополнително се влошија веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, како и довербата на економските субјекти.

Ова придонесе за влошување на очекувањата за раст на глобалната, а пред сѐ на европската економија, што неповолно делува врз економските изгледи и врз динамиката на закрепнување на домашната економија за оваа и за следната година, односно растот би бил понизок од очекувањата,“ додаваат од Народна банка.

Ризиците за целокупниот макроекономски контекст се поизразени, а се поврзани главно со надворешното окружување. Ефектите од пандемијата сѐ уште постојат, а нарушувањата во синџирите на снабдување и енергетска криза се уште понагласени заради воениот конфликт во Украина. И понатаму има голема неизвесност, особено околу времетраењето и интензитетот на војната во Украина и ефектите од тековните и идните санкции кон Русија, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Вознемирувачки видеа) Хамас уби над 260 млади на транс фестивал во Израел

Редакција

Унгарскиот министер Сијарто: Вашето место е во ЕУ, Унгарија ќе стори се тоа побрзо да се случи

Редакција

И сопругата на Штекли помеѓу обвинетите за шверц на крадени луксузни коли

Редакција