Православната Црква на Грција денеска излезе со соопштение од нејзиниот Свет Синод, во кое се вели дека Атинската Архиепископија, возглавена од Архиепископот г. Јероним, со задоволство го прими писмото од Вселенската Патријаршија во кое се известува за „исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење“ на светата Охридска Архиепископија, под водство на Неговото Блаженство Архиепископот г. Стефан.
Истовремено, Светиот архиерејски Синод на Атинската Архиепископија изразува сериозна загриженост поради писмото од Патријаршијата на Србија, пред сè, поради користењето на името „Македонска православна црква“, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикција има област наречена „Македонија“.
Дополнително, загриженоста на Атинскиот Синод е уште поголема и поради наводното доделување на автокефалија од страна на Црквата на Србија, бидејќи „единствената надлежна институција за доделување Автокефалност е Сечесната Вселенска Патријаршија“.
На крај, во соопштението на Православната црква на Грција се вели дека „Светиот Синод ѝ посакува на Свештената Охридска Архиепископија под Неговото Блаженство Архиепископот г. Стефан, конструктивно да го исползува нејзиното враќање во црковното единство и подигањето на шизмата“.
МИА