Владата донесе одлука за спроведување на кампања од јавен интерес за референдумот за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?”.
– Кампањата за референдумот ќе се спроведе со цел споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата, се вели во владиното соопштение.
Од Владата појаснуваат дека кампањата ќе се води согласно стандардите за јавни коминукации од интерес на јавноста и тоа релевантност, објективно и информативно комуницирање, непартиски комуникации, како и пропорционалност и рационалност.
– Во процесот на спроведување на информативната кампања за референдумот, владините службеници за комуникации и односи со јавност, како и за секоја друга официјална владина комуникација, ќе работат согласно стандардите и кодексот на однесување во рамки на Закон за административни службеници и Етички кодекс на административните службеници, како и согласно универзалните принципи на интегритет, чесност, објективност и непристрасност, се вели во владиното соопштение.
Владата ги задолжи сите министерства и други органи на државната управа, во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
Фото: Влада