Во Министерството за правда во завршна фаза е текстот на новиот закон за помилување, за којшто, како што се најавува, во најскоро време ќе биде подготвена драфт – верзија. Најзначајната измена што се предвидува е дека Претседателот ќе може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.
Од Министерството за правда за МИА велат дека причините за донесување на нов закон за помилување произлегуваат, пред се, од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување (“Службен весник на РМ” бр. 20/93, 12/09 и 99/16), од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот и од посоодветно легислативно уредување на материјата.
Освен тоа, велат од Министерството, заради неопходноста од итност на постапката со законот се предвидуваат рокови за постапување на учесниците во постапката за помилување, а извршено е и терминолошко усогласување на одделни називи и поими.
-Со предлог законот се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето.
Една од најзначајните измени е дека Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.
Втората позначајна новина предвидена во Предлогот на законот е формирањето Комисија во рамките на Министерството за правда која подготвува писмено образложено мислење за молбата кое Министерството за правда заедно со извештајот за молбата ги доставува до Претседателот.
Со ова решение се очекува да се надминат досегашните можни ризици поврзани со дискрециските права на министерот за правда, посочуваат од Министерството за правда.
Мошне значајни се, како што посочуваат, и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување.
-Во таа насока, предвидени се кратки рокови за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Притоа, клучни се и одредбите за прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, информираат од Министерството за правда.
Помилувањето како институт е еден од основните уставни надлежности на Претседателот на Македонија утврдени со член 84 од Уставот на Македонија. Помилувањето е содржано и во членот 114 од Кривичниот законик со кој се уредуваат материјално-правните прашања на помилувањето. Правната рамка која детално ја уредува оваа материја е прв пат воспоставена во 1993 година и досега е изменета и дополнета двапати и тоа во 2009 и 2016 година.
МИА