Бројот на туристи во државава во август годинава изнесува 190.855, од кои 60,9 проценти се домашни туристи, а 39,1 процент се странски, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во август годинава се регистрирани 835.016 ноќевања, од кои 77,7 проценти се од домашните, а 22,3 проценти од странските туристи.
Од евидентираните вкупно 74.673 странски туристи, најбројни биле од Турција, 11.017, по што следат тие од Србија, 7.317, Полска 5.570, Романија, 4.875, Германија, 4.353, САД , 2.347, Грција, 2.287, Италија и Бугарија над 1.800, Словенија, 1.747, Израел 1.479…
Езерските места во државава во август ги посетиле 129.616 туристи, во Скопје престојувале 36.442, додека во планинските и бањските места имало 7.923, односно 3.647 туристи. Хотелско сместување користеле 95.622, а куќи, станови за одмор и соби за издавање над 80.400.
Статистичките податоци покажуваат дека во периодот јануари – август годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 35,1 процент, при што кај домашните има зголемување за четири проценти, а кај странските зголемувањето е за 87,8 проценти..
Во првите осум месеци од оваа година, споредено со истиот период лани, кај ноќевањата е евидентирано зголемување за 20,1 отсто, кај домашните туристи за 2,4 отсо, а кај странските за 78,3 отсто.