еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Потрага по пари за референдум: Кои министерства трошат најмногу пари од буџетот?

Во период кога се уште се кршат копјата по прашањето каде ќе се најдат пари за рефрендумот и кој ќе ја спроведува кампањата интересно е да се види кои државни институции трошат најмногу пари од буџетот и со какво темпо ги реализираат планираните реасходи.

Министерството за финансии неодамна објави осврт на расходите и одливите од Буџетот на РМ за најголемите буџетски корисници, чиј вкупен годишен буџет претставува 84,5% од вкупниот буџет на сите буџетски корисници.

Во периодот јануари – јуни 2018 година, преку разделот Министерство за финансии – функции на држава реализирани се 27,2 милијарди денари. Износот остварен во овој период е 2,4 пати повисок од реализацијата во истиот период претходната година како резултат на повисоката отплата на главнина во овој период од 2018 година (21.960 милиони денари или 80,7% од вкупните расходи на буџетскиот корисник), откако во јануари беше извршена отплата на рата од претходен долг и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница, а истовремено беше зголемена отплатата на главнина кон домашни институции.

По основ на каматни плаќања отпаѓаат 8,1% од вкупните расходи, за што се реализирани 2,2 милијарди денари. Трета најзначајна ставка со учество од 4,1% се тековните трансфери до ЕЛС, за што се потрошени 1,1 милијарда денари.

Министерството за труд и социјална политика во првата половина на 2018 година реализираше 21,6 милијарди денари или 4,3% повеќе во споредба со претходната година.

Реализацијата на расходите изнесува 49,6% од вкупниот буџет за 2018 година. Притоа, најголем дел (73,3%) од расходите во овој период се наменети за тековни трансфери до вонбуџетските фондови, за што се потрошени 15,8 милијарди денари или 50,1% од средствата наменети за 2018 година.

Втора најзначајна расходна ставка се социјалните бенефиции, кои учествуваат со 18,8% во вкупните расходи. За оваа намена реализирани се 50,4% (4 милијарди денари) од планираните за 2018 година.

Министерството за образование и наука во периодот јануари – јуни 2018 година реализираше буџетски средства во износ од 10,6 милијарди денари (42,5% од планираното), што е за 4,4% помалку во споредба со претходната година.

Најголем дел од расходите (63,8%) претставуваат тековни трансфери до ЕЛС, за што се потрошени 6,8 милијарди денари или 49,4% од вкупно планираните средства. Плати и надоместоци се втора најзначајна ставка со учество од 15,5%, за што се потрошени 1,6 милијарди денари, односно 47,4% од вкупно предвидените.

За стоки и услуги (кои учествуваат со 11,8% во вкупните расходи) реализирани се 1,2 милијарди денари, што претставува 30,6% од вкупно предвидените средства за тековната година.

За капитални расходи (кои учествуваат со 1,6% во вкупните расходи) реализирани се 169 милиони денари, што претставува 7,9% од вкупно предвидените средства за тековната година.

Во првата половина од 2018 година Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) реализираше средства во износ од 6,5 милијарди денари (раст од 39,2% во однос на 2017 година), односно стапката на реализација изнесува 75,7% од вкупните планирани средства за 2018 година.

Во периодот јануари – јуни 2018 година од страна на Министерството за внатрешни работи вкупно се реализирани 5,1 милијарди денари, што претставува 50,0% од буџетот за 2018 година, односно раст од 6,2% во однос на претходната година.

Најзначајна расходна ставка претставуваат плати и надоместоци со учество од 70,3%, за што се потрошени 3.600 милиони денари или 49,3% од планираното. Втора најзначајна ставка се стоки и услуги со учество од 15,9%, за што се реализирани 817 милиони денари или 47,6% од годишниот план.

Министерство за здравство во првата половина од годината реализираше буџетски средства во износ од 3јарди мили денари (зголемување од 5,5% во споредба со истиот период од претходната година), што е 46,1% од вкупниот буџет за 2018 година.

Тековните трансфери до вонбуџетските фондови имаат најголемо учество во расходите со 59,9%, за што во периодот јануари – јуни 2018 година потрошени се 1,8 милијарди денари или 65,8% од средствата наменети за 2018 година. Стоките и услугите се втора најзначајна ставка со учество од 29,8% во вкупните расходи, а во анализираниот период за оваа намена потрошени се 914 милиони денари, односно 46,3% од вкупно предвидените.

Реализацијата на капиталните расходи (кои учествуваат со 8,6% во вкупните расходи) изнесува 14,9% односно извршени се 264 милиони денари.

Министерство за одбрана во првата половина од 2018 година реализираше буџетски средства во износ од 2,5 милијарди денари, што е 39,4% од вкупниот буџет за 2018 година, и претставува пад од 1,6% во однос на претходната година.

Платите и надоместоците имаат најголемо учество во расходите со 72,1%, за што во периодот јануари – јуни 2018 година реализирани се 1,8 милијарди денари, што претставува 48,9% од вкупно предвидените средства за тековната година.

Стоките и услугите учествуваат со 23,2% во вкупните расходи, за што во анализираниот период потрошени се 595 милиони денари, односно 34,2% од вкупно предвидените. За Финансирање на дејностите од областа на културата во периодот јануари – јуни 2018 година извршени се средства во износ од 1,4 милијарди денари, што е 39,9% од вкупниот буџет за 2018 година. Износот потрошен за оваа намена е за 33,2% понизок во споредба со истиот период претходната година.

Намалувањето на расходите на овој буџетски корисник е делумно резултат на намалувањето на буџетот за капитални расходи во културата со цел подобрување на структурата и економската оправданост на вкупните капитални расходи. Плати и надоместоци имаат највисоко учество во вкупните расходи со 34,0%, а нивната реализација во првата половина на годината изнесува 48,4%, односно извршени се 509 милиони денари.

Субвенциите и трансферите учествуваат со 31,8%, а за оваа намена реализирани се 475 милиони денари или 38,7% од планираното. За капитални расходи реализирани се 300 милиони денари што претставува 30,7% од вкупно предвидените средства за тековната година, а оваа ставка претставува 20,1% од вкупните расходи.

Министерство за транспорт и врски во првата половина на 2018 година реализираше средства во износ од 1 милијарда денари, што претставува 17,6% од вкупниот буџет за 2018 година. Во однос на истиот период од претходната година, расходите се пониски за 53,6%. Реализацијата на капитални расходи во првата половина од 2018 година изнесува 645 милиони денари, што е 12,3% од годишниот буџет за оваа намена, но се очекува интензивирање на реализацијата на капиталните расходи во втората половина на годината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 72 случаи позитивни на корона вирусот, еден починат: Досега вкупно 555 заболени

Редакција

Синдикалната минимална кошничка во јуни зголемена за 3.400 денари во однос на јануари

Редакција

Али Ахмети не смее да етикетира медиуми, регираат од Здружението на новинарите на Македонија

Редакција