Советот на јавни обвинители сè уште не добил на писмено потврда од обвинителката Фатиме Фетаи дека ја повлекува својата кандидатура за шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје. Таа во телефонски разговор со претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, го информирала дека е во странство и се враќа во среда.
Одговарајќи на новинарски прашања по продолжението на 70-тата седница на Советот на ЈО, Јолевски денеска рече дека со Фетаи исконтактирал во петокот попладне, меѓутоа посочи дека сепак тоа е нејзина волја и ќе видиме дали ќе поднесе и на писмено.
– Рече дека се наоѓа во странство и дека користи годишен одмор во петок и денеска. Утре е Денот на албанската азбука и таа во државата ќе дојде во среда. Веројатно и тогаш ќе поднесе и на писмено, бидејќи и укажав дека по меил не е досега вообичаено да се повлекува кандидатура, изјави Јолевски.
Јолевски, нагласи дека Фетаи не му навела причини, и се додека не добие на писмено ќе бидат шпекулации.
Прашан дали на оваа тема ќе се посветат подлабоко како Совет, со оглед на можноста да има некои притисоци или позадински игри, Јолевски рече дека очекува доколку има некакви забелешки или проблеми дека обвинителката тоа ќе го каже на Советот, за, како што рече, да може да го решиме и побараме нејзина заштита.
– Очекувам дека ако сака да ни каже обвинителката или ако се вршат притисоци. Затоа и реков, ние сме тука како Совет да Ве заштитиме ако имате некои притисоци, меѓутоа рече дека ова е моја лична одлука. Доколку имаме било какви забелешки од нејзина страна, односно да има некакви проблеми се надевам дека ќе ни каже, за да можеме тоа да го објавиме и како Совет да ја заштитиме, изјави Јолевски.
Изборот на нов шеф на Вишото јавно обвинителство – Скопје беше на дневен ред на 70-тата седница на Советот на јавни обвинители во понеделникот на 14 ноември, но кога стигна оваа точка, беше одложена за денеска на 21 ноември, за како што беше тогаш посочено, членовите да имаат доволно време за разгледување на досиејата на кандидатите.
Советот на ЈО и денеска не изврши избор на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, поради немање кворум.
Во трка за шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје има тројца кандидати. Обвинителката Фатиме Фетаи, постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Советот на ЈО повторно го одложи изборот на шефови на Вишите јавни обвинителства Скопје и Гостивар
Фатиме Фетаи по мејл ја повлекла својата кандидатура за шеф на Вишото јавно обвинителство-Скопје
МИА/Фото: МИА