еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Македонските јаболка најпогодени од руските санкции, неизвесен извозот и на праската и црешата

Јаболката, праските и црешите се најпогодени од забраната за увоз на македонското овошје што ја воведе Русија. Забраната стапи во сила кон крајот на минатата година, а надлежните интензивно работат на нејзино укинување и се надеваат дека тоа ќе се случи до пролет.

Во меѓувреме, велат, многу е тешко да се најдат алтернативни пазари за овие три култури.

Според Трајан Димковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на рускиот пазар годишно извезуваме околу 15.000 – 20.000 тони конзумно јаболко, што е 50 проценти од вкупниот извоз, праска пласираме 60 отсто од вкупниот извоз, додека производството на цреша во целост оди за Русија.

-Земјава годишно на рускиот пазар извезува околу 15.000 – 20.000 тони конзумно јаболко прва класа или 50 проценти од вкупниот извоз што е многу значајно. Се надеваме дека забраната ќе биде тргната.

Следна е праската од чиј вкупен извоз 60 отсто оди исто така на рускиот пазар, а најлошата варијанта важи за црешата, која стопроцентно се извезува во Русија, буквално целото производство од 1.000 – 1.500 тони. Алтернативни пазари тешко може да се најдат за сите овие три култури, изјави Димковски.

Тој денеска, на брифинг со новинарите, потенцира дека иако е „мртов период“, забраната за извоз сепак, најмногу ја погаѓа јаболката.

-До пролет се надеваме дека може да се средат работите. За нас ќе биде многу лошо ако праската остане под забрана за извоз. За праската е многу тешко да најдеме алтернативен пазар, конкуренцијата од страна на Грција е огромна зашто имаат посебни сорти.

Од околу 8.000 – 12.000 тони домашно производство на праска, 5.000 – 6.000 тони одат на рускиот пазар. Ако се среди ситуацијата до мај, нема да има проблеми со пласманот.

Во врска со јаболкото, оние земјоделци кои ја сфатија пораката пред многу години дека „ајдаред“ тешко ќе се пробие на нови европски пазари, го сменија сортиментот и сега имаат извоз не само на европски, туку и на други пазари.

„Ајдаред“ не поминува, може да помине само во арапските земји, на Истокот, на рускиот пазар,…, а овој тип јаболка зафаќа до 80 проценти од нашиот сортимент и најверојатно ќе оди за преработка.

Само така ќе се извезе, но по многу пониска цена. Моментно, пет денари за килограм е индустриското јаболко, а осум до десет е конзумното, објасни Димковски.

Во моментов, додаде, земјоделците молат да ги дадат јаболката во индустријата.

-Минатите години ги завршувавме со 50 отсто предаден род во преработувачките капацитети, што е недозволиво и економски неоправдано. Годинава ќе видиме како ќе биде. Индустрија има во секое производство, но до 20 отсто. Всушност, затоа е и мерката за поддршка на добар дел од јаболката со по три денари за килограм, што ја опфаќа целата реколта, од 15 септември 2022 до 15 мај 2023 кога се предаваат количините на домашните откупувачи, додаде Димковски.

За праската имаше слична забрана од руска страна и пред три години.

-Се надевам дека како тогаш, и годинава ќе се тргне забраната пред бербата. Работиме на тоа заедно со Македонско-руската комора, подвлече Димковски.

Во Русија извезуваме и зелка, но во незначителни количини, околу осум отсто од производството, додека во Украина два проценти.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спасовски до Собранието доставил барање за разрешување на министерката Мизрахи

Редакција

(Фото-вест) Скопје се „вари„

Редакција

Се намалува цената на дизелот и бензинот Еуросупер БС-95

Редакција