Во понеделник, на 27 февруари, во малата сала на Филхармонија, врвниот гитарист Мухамед Ибрахими ќе одржи свој концерт. Концертот е во организација на Баги Комуникации, информираат од таму.
Мухамед Ибрахими е гитарист кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него.
Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност.
Ваквите негови храбри и елегантни комбинации даваат прекрасен звучен пејзаж и импресивна музика која пренесува универзални чувства.
Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.
„На концертот во Филхармонија публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои ќе бидат првпат интерпретирани концертно.
Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти,“ изјави Ибрахими.
Мухамед Ибрахими не е ново име на македонската музичка сцена. Го паметиме како гитарист на групата БЛА БЛА БЛА, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници.
За себе вели дека е самоук, дека свири од својата 5 година на различни инструменти, но ако треба да бира, би ја одбрал гитарата. Има издадено два албума, Fly во 2014 и Devotion во 2019 година.
„Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава не очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти,“ велат од Баги Комуникации.
Инаку концертот ќе започне во 20 часот а влезници можат да се набават преку платформата www.bileti.mk.
Фото: Стефан Рајхл