еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Доматите и краставиците ќе поскапат, ќе се ревидираат замрзнатите цени на 11-те видови овошје и зеленчук  

Владата на седница во вторник ќе ги ревидира цените на 11-те видови овошје и зеленчук за кои претходно донесе одлука да бидат замрзнат до крајот на месецов, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа, како што кажа, наредниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени, а тие ќе почнат да важат откако ќе бидат објавени во „Службен весник“.

Увозниците, прецизира министерот, генерално пријавуваат малку зголемени увозни цени кај доматите и краставиците.

– Денешните податоци покажуваат мало зголемување на увозните декларации на некои производи и би требало следствено на тоа да се коригираат и цените кои се наведени во одлуката. Корекцијата ќе биде процентуална во зависност од зголемените трошоци за увоз прикажани во Царината од 28 март, па до денеска.

Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената, изјави Бектеши по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.

Тој потемцира дека со увозниците на овошје и зеленчук имале конструктивен состанок на кој учествувала и Стопанската комора.

– Се договоривме да направиме минимална корекција на цените, имајќи предвид дека веќе почнаа да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Но, никако нема да има цени како пред 10-ина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре, рече Бектеши.

Тој прецизира дека ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм.

-Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи, рече Бектеши.

Како што посочи тој, во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и 5 отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.

– Согласно податоците што ги имаме од нашите домашни производители, нашите производи ќе излезат кон крајот на овој месец и почетокот на наредниот месец по што ќе има нагло намалување на цените.

Сепак, како Министерство за економија и како Влада нема да отстапиме и ќе продолжат да се прават контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци. Затоа Царинската управа, УЈП, ДПИ, финансиската полиција се веќе на терен и во континуитет ќе вршат контроли со цел да не се направи штета на Буџетот, а со тоа да се направи штета на потрошувачите во нашата држава, рече Бектеши.

Министерот најави дека ќе се праават контроли на направениот увоз во последните месеци и додаде дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.

– Затајување на данок над 10 илјади евра е кривично дело и јас очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности, рече Бектеши и потенцира дека е убеден оти целосно ќе се почитува одлуката за замрзнување на цените до крајот на април.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Општина Дојран се вклучува во општествено одговорната кампања на „Макпетрол“

Редакција

Мицкоски вели оти во манастир случајно се сретнал со претседателот на бугарскиот клуб “Цар Борис Трети“ и оти не го познава

Редакција

МПЦ пред Велигден повика да се почитуваат мерките за превенција од коронавирусот

Редакција