еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Бехтел и Енка, кој ќе ги гради автопатите, нема да плаќа данок, царина и акциза

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, кој за 1,3 милјарда евра ќе ги гради автопатите на коридорите 8 и 10д ќе добие низа поволности со измена на девет закони, кои веќе утре ќе се најдат на дневен ред во Собранието.

Сите закони се предложени од владејачкото мнозинство, а ПРИЗМА направи анализа што се ќе се менува во корист на Бехтел и Енка, кој власта го прогласи за стратешки инвеститор.

Ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење, а ќе се менува и самиот закон што овозможи без тендер да му се даде на американско-турскиот конзорциум да ги гради автопатите.

Според измените, нема да се плаќа данок на додадена вредност за изградбата на коридорите. Поточно, „прометот на добра и/или услуги извршен кон“ државата од Бехтел и Енка, а наменети за изградбата на двата коридори „е ослободен од данок на додадена вредност со право на добивка на претходен данок“. Државата, пак, како инвеститор е ослободена од плаќање ДДВ за услугите што ќе ги добие од Бехтел и Енка.

Во истите измени се предвидува и на американско-турскиот конзорциум да му се враќа акцизата на енергенти, а „увозот на добра извршен од страна на стратешкиот партнер е ослободен од данок на додадена вредност, увозни давачки и данок на моторни возила за набавка на „pick-up“ возила“.

Една од измените во Законот за ескпропријација, пак, предвидува на стратешкиот партнер, односно во овој случај на Бехтел и Енка да му се даде во владение експроприраниот имот „веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.“ Досега таквите одлуки не се спроведуваа сѐ до правосилност, која може да се чека со години доколку се жали сопственикот на имотот.

За да нема тешкотии и одложувања ако при работата дојде до наоѓање археолошко наоѓалиште или предмети од археолошко значење се менува и Законот за заштита на културното наследство. Па, така со измените се олеснува начинот на пријавување и ако се дојде до археолошки важно откритие треба да се пријави до надзорниот инженер, а не до „надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи“, како што предвидува законот во други случаи, ако не се работи за стратешки инвеститор за каков што е прогласен Бехтел и Енка.

Законот за урбанистичко планирање, пак, се менува, како што наведуваат предлагачите, за да се овозможи забрзана реализација и „повисок степен на флексибилност во однос на содржината на урбанистичките проекти“. Поради „ефикасна изградба“ се менува и Законот за градење.

Измените предвидуваат дека кога се работи за градбите од стратешки интерес, нема да се применуваат тековните законски одредби што се однесуваат на постапките за одобрување идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за почнување со изградба и слично.

Поради „долгите постапки“, измените на Законот за шуми предвидуваат пренамената на шумата и шумското земјиште да се смета за завршена и погодна за запис во катастарот на недвижности, без потреба инвеститорот да спроведува дополнителни процедури „или да добие каква било согласност, одобрение или која било друга одлука или документ од кој било орган“.

Бирото за вештачење ќе ја утврдува висина на надоместот за дрвната маса кога ќе се користи шумско или градежно неизградено земјиште на приватни сопственици, а надоместокот ќе биде платен веднаш, но не подоцна од шест месеци по извршената проценка. Трошоците за сеча и чистење на шумската вегетација, инвеститорот на градбата од стратешки интерес ќе ги компензира со дрвната маса што ќе се добие од сечата.

„Концесијата за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститор заради изградба на европски патни коридори од стратешки интерес“, предвидуваат измените на Законот за минерални суровини. Се продолжува и периодот за кој се доделува концесијата, кој досега изнесуваше три месеци од крајниот рок за градба на државниот или општинскиот пат или хидротехничкиот објект. Измените предвидуваат периодот на концесија да трае шест месеци.

Во Законот за работни односи, пак, со измените се дозволува прекувремената работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно.

За ова писмена согласност претходно ќе мора да даде работникот. Дополнително се воведува можноста за работа во недела.

Пратениците бараат промена и на Законот за земјоделско земјиште. Во образложението стои дека „владата утврдила дека треба да се менува постапката за пренамена на земјоделско земјиште и да се олесни кога се работи за градбите од стратешки интерес“.

Така во законот се додава член за „Воспоставување право на службеност на земјоделско земјиште во државна сопственост за градбите од стратешки интерес“, а веќе постоечки одредби нема да важат за овие проекти, објави ПРИЗМА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

“Република Бехтел и Енка Македонија“: Твитер реакции за законските измени за американско-турскиот конзорциум кој ќе ги гради автопатите

Катастрофални законски измени за работничките права заради Бехтел и Енка, реагираат од ССМ

Македонското археолошко друштво за законските измени за Бехтел и Енка: Собранието менува закон во полза на бизнисот, а на штета на културното наследство

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Фазлиу реагира на кривичната од Финансиска полиција: Се бара криминал таму каде што не му е место, а се затвораат очи таму каде што и слепиот го гледа

Редакција

Објавен текстот на француско-германскиот предлог за договор помеѓу Србија и Косово

Редакција

Кој е Шабан Салиу, кандидат за вицепремиер за интеграција и имплементација на декадата на Ромите

Редакција