еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

25 до 30% од средношколците во Македонија вршат врсничко насилство

Околу 25 до 30 отсто од средношколците вршат одредено врсничко насилство спрема нивни врсници, покажува анализа на невладиниот сектор направена минатата година во државата, вели во изјава за МИА, професор доктор Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и претседател на државниот Совет за превентива против малолетничка деликвенција.

– Според таа загрижувачка анализа, дури 14 отсто од децата потврдуваат дека биле жртви на врсничко насилство или булинг и тоа подолг временски период, нагласува Нанев.

Проблемот за врсничкото насилство е долгогодишен, а особено актуелен, по вчерашното убиство на неколку лица во училиште во Србија и информациите во јавноста дека и самиот малолетен убиец, претходно бил жртва на врсничко насилство.

– Врсничкото насилство е тема на која изминатиот период и се посветува внимание, од страна на правници, психолози, педагози, особено од страна на невладиниот сектор. Ова насилство настанува како резултат на искривување на вредностите во општеството.

Децата сторители на ваков вид насилство обично сакаат да привлечат внимание. Најпрвин имаше само вербално и физичко врсничко насилство, со исмејување, но сега има и психичко насилство со закани, насилство преку социјални мрежи. Тоа врсничко насилство, ако не се препознае и спречи трае се додека жртвата на булингот не се јави со соодветна реакција.

Понекогаш, таа реакција може исто така да биде сериозна, како и самиот булинг. Затоа е неопходно да се делува превентивно во семејствата, училиштата, да се препознава евентуалното врсничко насилство и навреме да се реагира, појаснува Нанев.

Тој додава дека жртвите на врсничко насилство најчесто чувствуваат загрозеност и срам и се повлекуваат. Многу често не биле навреме препознати, се додека проблемот не ја надмине црвената линија.

Нанев нагласува дека на решавање на проблемите со врсничкото насилство, мора да има еден стратешки пристап. Мора да работи стручната фела, преку едукативни програми. Брзо и ефикасно да се препознае врсничкото насилство од кадарот во училиштата и соодветно да се делува. Родителите пак, да обрнат поголемо внимание околу тоа, како се однесуваат нивните деца.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Има и акции во “Макстил“: Каков имот пријавила Весна Митевска, новата директорка на Танец

Редакција

Акцелераторот на Онкологија купен пред 7 години ќе почне да се употребува за 3 месеци

Редакција

Фондот за здравствено осигурување вработува 81 лице, плата до 27.480 денари

Редакција