еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Ново покачување: Основната каматна стапка зголемена за 0,25 процентни поени

Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за дополнителни 0,25 п.п. до нивото од 5,75%.

На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,65% и 3,70%, соодветно.

Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

“Со последната промена продолжува циклусот на затегнување на монетарната политика којшто започна од крајот на 2021 година, прво преку активно управување со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а потоа од април минатата година и со зголемување на каматната стапка на благајничките записи, како и на каматните стапки на другите монетарни инструменти.

Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски и макропрудентни мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот и прагови за следење на квалитетот на кредитната побарувачка, со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Најновите податоци важни за оценување на амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се движат во рамките на очекувањата, но ризиците и натаму опстојуваат.

Од тие причини е неопходна натамошна претпазливост при водењето на политиките, заради стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

Имено, во согласност со очекувањата, и во април 2023 година годишната стапка на инфлација бележи забавување, коешто започна од ноември минатата година, но таа и натаму, како и во глобални рамки е над историскиот просек. Исто така, базичната инфлација и натаму е на повисоко ниво, што упатува дека преносните ефекти од цените на енергијата и храната врз оваа компонента сѐ уште не се целосно исцрпени.

Очекувањата за идната динамика на увозните цени и натаму се движат по надолна патека, но се проследени со неизвесност поврзана со развојот на војната во Украина. На девизниот пазар движењата се стабилни, при зголемена склоност за штедење во домашна валута, но и натаму постои неизвесност.

Гледано од аспект на странската каматна стапка, како битен надворешен фактор за спроведувањето на домашната монетарна политика, на состанокот во мај, ЕЦБ повторно донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки, но поумерено – со покачување на основната камата за 0,25 процентни поени, во согласност со изгледите за одржување на инфлацијата на повисоко ниво од очекуваното, со посебен акцент на притисоците врз базичната инфлација,” велат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Само Крсто може да ја отвори вратата од ЕУ“: Твитер „експлодира“ чекајќи датум за преговори

Редакција

(Во живо) Неофицијално: 14-годишно момче уби осум деца, професорка и чувар во училиште во Белград

Редакција

Вкупна казна од 30.000 евра за 30 лица кои играа оро во Гевгелија за време на полициски час

Редакција