еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

(Галерија) Жолти килими од цвеќиња за добредојде на Плачковица и дрвја како од сцени од „Аватар“

Македонија е држава која изобилува со прекрасни природни убавини. Не, овојпат нема да говорам колку е загадена и колку истите се уништени од самиот човек, туку за она што се уште опстојува и доколку сме паметни, треба да го сочуваме.

Како планинар, имам можност да се уверам во секоја педа недопрена природа на планините кои сочинуваат 80% од територијата. Овој географски факт, ја сврстува државата во првите 10 земји во светот, според „покриеност“ со планини.

Патот не однесе на Плачковица, планината над мојот роден град, која стигна на ред да биде посетена после 10 години активно планинарење на речиси сите планински масиви. И како што вообичаено бива, она што ти е блиску и достапно го потценуваш и запоставуваш, и се леташ по подалечното. Нема ништо лошо, но е некако неправедно.

Тргнувајќи од хотелот Бел камен, почнавме да се спуштаме кон реката, патем ова е прв врв кон кој сум тргнала со спуштање. Целта е истоимениот врв  Бел камен.

Кога почнавме да навлегуваме во шумата, која сега е во најголемиот раскош, водичот на планинарското друштво „Петрикор“, Александар Богдановски ми вели „шумата беше уште погуста, бааѓи е проретчена, за жал и тука почнале да ја „касапат““.

Ме здоболе фактот, бидејќи насетив каква убавина почнала да се уништува.

Движевме покрај река покриена со дрвја и зеленило, сликите и сцените се менуваа како при најубав филм и секоја беше поубава и од најубавите илустрации кои што сум ги видела во сликовници.

И уште еднаш ми прелета мислата, која многупати ме дошла при „уау“ моменти на планина, дека природата е најубавиот хортикултурен уредувач, и најдобриот „цртач“ на реални илустрации од бајките. Да, толку беше бајковито што не недостасуваше присуството на самовилите. А можеби и беа, којзнае.

Реката даде еден авантуристички момент на целата тура, бидејќи требаше да се поминува повеќе пати, а таа беше надојдена. Имаше убавина во сето тоа да проценуваш на кој камен да стапнеш, а да не се лизнеш, моментот кога ќе направиш погрешна проценка па „звучно“ ќе шлапнеш, па кога треба да ги соблечеш чевлите и чорапите и да ја газиш студената вода. Па сфаќаш дека си понел пешкир што ќе се најде во вакви моменти, а не си понел кабаница а дождот е на повидок. И не ти пречи таа грешка која е за неиксусни, а не си од тие, бидејќи бааѓи си „орал“ по планини. Невидена возбуда и убавина.

Откако се спуштивме, низ течението на реката, стигнавме на точката од каде што започнува искачувањето кон двата врва Лисец и Бел Камен. Жолтите цветови по ливадите, беа само увертира во она што подоцна следуваше.

По 3 часа одење, некаде пред Бел Камен, наидовме на цели ридови и полјани покриени со жолти цвеќиња. Жолти килими за добредојде од страна на природата, која блесна во сиот свој сјај. Тоа беше јаготка на шлагот од „тортата“ која се правеше за цело време на планинарењето.

Додека движевме поминувавме низ шума за чии што форми на дрвја за дел од присутните во групата наликуваа на сцени од Господар на прстените. Мене ме потсетуваа на сцени од Аватар. Нереални високи, грандиозни, со пространи гранки, готово во секој момент ќе оживеат и така некако ќе се подадат и ќе те гушнат.

Во нивните прегратки лилави и сини цвеќиња, во бои, кои не можат да се сретнат и во палетата на врвните мајстори на уметноста. Ти доаѓа да си легнеш помеѓу нив, и да не станеш.

Тоа го направивме на ливадите пред врвот, бидејќи тоа жолтило беше таков повик да се преточиш во него, што никој не оддолеа а да не се испружи помеѓу тие цвеќиња и едноставно да се „изгуби“ во нив.

„Ах леле каква убавина“, ќе рече Александар. „Убавино ти ме заморуваш“ ќе вратам и ќе додадам „Со што заслуживме да ја доживееме, Мора да сме направиле многу добрини и да сме вечерале со Бога“.

Светлина од сонцето и светлина на земјата од жолтилото на цвеќињата. Не бев единствената која што си помислив дека толку години планинарам, но такво нешто не бев доживеала. Истото ми го потврди и Боби, поискусен планинар и од мене.

Дождот заврна таман толку колку што беше потребно малку да не олади. Не загрме, иако според тоа колку дрвја видовме кои биле спалени од гром, сфативме дека сме во поднебје кое е „привлечно“ за електричните празнења. Но, среќата ги следи храбрите, па темните облаци само кружеа околу нас.

Опиена, обземена од таа убавина, во реалноста ме врати звукот на моторната пила која ја слушнав во далечина. Ме врати на разговорот со Александар, дека и тука ќе се случи уништувањето. Немам надеж дека може да биде спречено од надлежните. Само знам дека ако се продолжи со сечење на шумата ќе си плачеме за Плачковица.

А до тогаш ќе останат само солзите радосници, кои не можеа да се задржат под налетот на се она што го прикажа оваа чудесна планина. Планината над мојот роден град!

Како што секој човек е со своја планина тежина, нека ја пронајде сопствената планина на олеснувањето. А таков сојузник може да биде само природата, бидејќи сме нејзини деца и исконски и припаѓаме.

Фото: Александар Богдановски/еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Имунитетот е најдобар сојузник во борбата против корона вирус, како да го подобрите

Редакција

30 дена притвор за активистката Моника која се залага за легализација на марихуаната

Редакција

Убава вест: Оздравени 21 пациент кои боледуваа од корона вирусот

Редакција