еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Видео+фото) еМагазин на островот Кеа – портата на Кикладите

И оваа година решив повторно да се вратам на Кикладите (група на грчки острови), ама гледав да биде нешто блиску до Атина, па изборот падна на Кеа.

Неизвесноста како ќе се стигне до Кеа поради пожарот кој беснешее во областа Атика, каде се наоѓа пристаништето Лаврио (пожарот беше на 20 километри одалеченост, а дуваше ветар) траеше цело време.

Драматични видеа од пожарот гледаш на железничката станица, слики од пожарот на бродот, а истовремено цело време слушаш и дека Грците, како и ние, немаат доволно пожарникари, авиони за гасење на пожар, амбулатни возила…, а имаат авиони за „војна“ со партнерот од НАТО, Турција, која никогаш нема да се случи, ама редовно се користи за заплашување на граѓаните во двете земји.

Плус втор топлотен бран, со највисоки температури во Грција оваа сезона.

На крај по еден час пловење од Лаврио живи и здрави стигнавме во Кеа, позната како портата на Кикладите, еден од ретките некомерцијални и помирни острови од оваа група.

Нечиста порта на Кикладите

И веднаш уште во портата ја приметувате таа типична архитектура за Кикладите, но и ѓубрето расфрлано насекаде, што е нетипично.

Портата има прекрасна голема песочна плажа со бистра како на река вода, ама истата е организирана само на крајот, а остатокот освен ѓубрето, кое се гледа дека не е тука од вчера, ја “красат“ и напуштени објекти од некои подобри времиња, кои во меѓувреме станале руина и ја гнасат сликата за портата.

Импресиите ми беа измешани, но се смирив кога конечно се раскомотивме во ултра модерниот апартман од кој портата буквално ја имавме на дланка.

Газдите ам ич не се штеделе. Имаш се што ти треба, целата струја од сонцето, смарт ТВ….

Кога сме кај сместувањето, соба, апартман или било што овде во сезона не може да се најде под 100 евра на ден. Островите во Грција се секогаш поскапи, а Кеа е еден од најевтините од Кикладите.

Исто е и со цените за било што, па затоа секогаш најдобро е да се спријателите со локалците, па веднаш ќе дознаете кој супермаркет е најевтин (навистина има разлика во цените), во која таверна храната е добра и достапна за секој џеб, што треба задолжително да се види…

Плажи со сини знамиња

Откако ја свртив портата од горе до доле и истражив се што може да се види и осознав дека овде живеат прекрасни и многу гостопримливи луѓе, за разлика од тие на Миконос и Санторини (исто острови во Кикладите), кои не те гледат како човек, туку како пари, беше вистинското време да се откријат плажите.

Веднаш на околу еден километар од портата од десно е селцето Гиалискари, каде има прекрасна плажа со сино знаме, а која за жал половина е урбанизирана.

До селцето доколку сте сместени во портата можете да стигнете и пешки, островот е прекрасен и за планинарење и пешачење, ама не за време на топлотен бран.

Имате такси и организиран автобуски превоз до многу места, зависно каде сте сместени.

А, дали спомнав дека температурата беше за десетина степени пониска од таа во Атина и Солун и дека на Кикладите секогаш дува ветерче и се одлично бегство од топлината.

Магичната марина Воуркари

Веднаш после Гиалискари е селцето Воуркари, прекрасна марина, во која има одлични таверни, бутици, најразлични продавници и секако многу јахти.

Местото е магично и задолжително за посета.

Како во бајка во главното село

Дефинитивно најубавото село на островот е Лоулида, главниот град, или поточно главното село, кое не е покрај морето, туку на рид, што е типично за повеќето грчки острови, а истите се граделе таму и се уште стојат на истото место по стотици години, поради безбедносни причини.

Таму веќе Ви е јасно дека сте на Кикладите, ништо поразлично од спомнатите Миконос и Санторини.

Има бројни продавници, таверни, кафулиња, музеј… Треба да се спомене и дека на островот се наоѓаат бројни наоѓалишта дури од античко време, дел од нив се лесно достапни, но до најубавите можете да стигнете само со пешачење по ридовите или со брод.

Уште една плажа со сино знаме

На островот има неколку плажи со сини знамиња, а една од нив е и Otzias, во истоименото селце.

Поголем дел и од оваа плажа е урбанизиран, а истата е една од најпосетените, па очекувајте многу луѓе, што реално не е мој филм, но секако треба да се посети.

Од многубројните плажи на островот, на кои доминира песокот вреди да се посети и Pisses.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија+видео) еМагазин на Кикладите: Серифос – бисерот на Егејот

(Галерија) еМагазин на Кикладите: Милос ќе ве остави без здив!

(Галерија) еМагазин на Кикладите: Срцето ми остана на Кимолос

Фото/видео: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален список на добитници на ваучери за купување на клими

Редакција

Вкупно 1.081: Рекордни 107 нови случаи на заразени со коронавирусот, дури 44 во Куманово

Редакција

Шест активни пожари, тој кај Негорци каде што беа загрозени куќи е ставен под контрола

Редакција