Проевропската коалиција нема да подлегне на неодговорното и недржавничко однесување и ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. Нашата иднина е интеграција, а не изолација, порача попладнево премиерот Димитар Ковачевски.
Како што истакна Ковачевски на прес-конференција, во Собранието денеска почна процесот на уставните измени и уште еднаш се потврди дека сите партии и политички чинители од европскиот фронт и мислат добро на државата и се за интеграција во ЕУ. Но, се потврди, напомена, и дека единствената идеологија на ВМРО-ДПМНЕ е блокада и изолација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заврши расправата за уставните измени, власта не најде 80 пратеници, гласањето одложено
Според премиерот, пред нас е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, за забрзување на европските интеграции и за остварување на оваа европска цел до 2030 година.
-Денес во Собранието сдтана кристално јасно кој навистина сака Северна Македонија да стане просперитетна држава, земја членка на ЕУ, а кој сака да ја блокира европската иднина на државата.
Денес повторно се потврди дека Владата сите политички партии и сите политички чинители од проевропскиот фронт се единствените кои мислат добро и за државата, и за граѓаните и се за интеграција на државата во ЕУ исто како што беа за интеграција на државата во НАТО Алијансата.
Денес повторно се потврди дека единствената идеологија на ВМРО-ДПМНЕ е блокада и изолација. И тоа проевропски ориентираните граѓани нема ниту да го заборават, ниту да го простат. Ова блокирање кое тие толку долго го заговараат нема апсолутно никаква причина да се случи, истакна премиерот зад кој на прес-конференцијата стоеше владиниот тим.
ВМРО-ДПМНЕ, потенцира, покажаа дека немаат никакви аргументи и идеја за дискусија, како и дека не водат дебата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ: Нема двотретинско мнозинство за уставни измени, избори мора да има
-Со огромна леснотија тие покажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните само и единствено за лични цели, а против подобар и попросперитетен живот за граѓаните и остварување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ на Северна Македонија.
Ако тие не знаат да дебатираат и да аргументираат дома како тогаш да очекуваме дека ќе аргументираат и ќе водат дебата надвор со меѓународната заедница. Многу е јасно дека нивната цел не е да испреговараат нов договор.
Многу е јасно дека нивната цел да блокираат и да си ги спасат сопствените политички кариери. И затоа нема веќе простор за манипулација од страна на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
Според него, сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека над 80 проценти од граѓаните, без разлика на нивната припадност по која било основа, сакаат да живеат во ЕУ.
-Граѓаните сакаат подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните заради економски напредок, социјална правда и врвна демократија. Сакаат подобар живот по европски стандарди со вредностите кои ги има единствено во ЕУ и во САД, наш стратешки партнер. Сакаат децата да им останат дома и тука да ја градат својата европска иднина.
Земјава практикува европски вредности и заслужува по членството во НАТО да биде и полноправна членка на ЕУ. Пред нас е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година, бидејќи тоа е нашата иднина – интеграција, а не изолација, нагласи Ковачевски.
Тој потсети дека „ВМРО-ДПМНЕ ја изолираше и блокираше земјата на нејзиниот пат кон ЕУ и гласаше против членството во НАТО“.
-Но, проевропската коалиција нема намера да подлегне на ваквото неодговорно и недржавничко однесување и ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. Нема да дозволиме граѓаните нивната иднина и државата да се блокира од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Продолжуваме понатаму да работиме на врвните национални и државни интереси и да обезбедиме мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата, нагласи премиерот Ковачевски.
МИА/Фото/видео: Влада