На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) – Битола во првиот уписен рок, на сите 11 високообразовни единици, запишани се 689 бруцоши.
Вториот, дополнителен уписен рок за новата академска година почна утрово, ќе се реализира два дена, а на располагање се 1.902 слободни места.
Најмногу слободни места за упис има на Правниот факултет во Кичево каде може да се запишат 328 студенти и на Технички факултет – Битола каде може да се запишат 303 студенти.
Слободни места за студирање во прва година има во сите членки на УКЛО во Битола, Скопје, Охрид, Кичево и Велес.
На Педагошки факултет слободни се 172 места, на ФИКТ слободни се 135 места, на Факултет за биотехнички науки слободни се 95 места, а на Ветеринарен факултет може да се запишат уште 39 студенти.
Од УКЛО – Битола информираат дека на Технолошко-технички факултет во Велес може да се запише 61 бруцош, на Економскиот факултет во Прилеп има 186 слободни места, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид има 225 слободни места, а на Факултетот за безбедност во Скопје има можност да се запишат уште 208 бруцоши.
Слободни места за студирање во прва година има и на Високата медицинска школа, каде за вториот уписен рок огласени се 150 слободни места.
За слабиот интерес на Фејсбук реагираше Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет во Битола.
„За 2.600 слободни места за студирање на УКЛО Битола, во првиот уписен рок конкурирале само 700 кандидати. Државата догорува како свеќа пред зори,“ напиша Трајковски.
МИА/еМагазин/Фото: МИА