Согласно одлуката донесена од страна на Владата, организиран е авионски превоз со чартер лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Македонија, информираат од владината прес-служба.
-Во услови на целосно откажани летови и блокиран авио транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош. Авионскиот превоз кој ќе биде организиран во текот на утрешниот ден, ќе биде бесплатен за граѓаните кои побарале помош, и ќе биде покриен од резервите на Буџетот, велат од таму.
Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбедило список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Македонија, велат од таму.