Синоќа во „Аудиокултура“ во Скопје, Владимир Мандичевски-Манде, познатиот менаџер на културни и забавни настани ја промовираше својата прва книга „Јас пратеник“.
Манде, кој со години беше сопственик на култната скопска музичка продавница „Баги шоп“, но и одличен познавач на разни музички правци, преку Ристе Трпеновски, главниот лик во книгата овојпат на сатиричен начин реши да се занимава со политика.
Во пријатна атмосфера пропратена со тивка музика пред бројните гости и почитувачи на урбаниот скопски лик Манде, актерот Рубенс Муратовски читаше делови од книгата и искрено ги насмеа гостите на промоцијата.
Ристе живее мирен живот во селото Зимзирово, село оддалечено 30 км од најблиската паланка и барем три пати по толку од главниот град. Селото со средовечни и стари жители, зашто младите си ја бараат среќата во главниот град и надвор од државата, има едно основно училиште, две продавници, една земјоделска аптека, една амбуланта, една ветеринарна станица, една кафеана, две обложувалници, една црква и една полициска станица. Но, животот на Ристе целосно ќе се преврти во сосема друга насока откако ќе стане пратеник.
Промотор на книгата беше дипломатот Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор во Македонија, дипломат, поет и писател со 82 издадени книги и како што самиот вели – по вокација и во душа новинар, но и пријател на Мандичевски синоќа кажа:
„Книгата е очигледно една голема сатира, напишана со едноставен речник и вокабулар, полна со едноставни „селски“ набљудувања и мудрости од едноставниот живот. Ја читам, се трудам да ја совладам смеата иако тешко ми оди, од тоа што Ристе пие експресо и учи англиски со професорот Шекспир за да може да стане политичар“, рече Јазбец.
На промоцијата свиреа Гоце Димовски и Бобан Мирковски.
Фото: Баги комуникации