еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Инфлацијата во Македонија ќе се намалува, прогнозира агенцијата „Фич“

Aгенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во својот последен извештај за Македонија го потврдува кредитниот рејтинг од „ББ+“ со стабилен изглед.

„Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата“, посочува агенцијата во извештајот.

Во истиот се наведува дека поради затегнатата монетарна политика, инфлацијата се намалила на 3% во февруари оваа година, во споредба со 19,8% во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво.

Базичната инфлација исто така се намалила на 4,7% во февруари, од највисокото ниво во декември 2022 година од 11,1%, за што придонесува и стабилизирањето на инфлациските очекувања.

„Фич“ прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година.

Според агенцијата, брзиот раст на платите претставува нагорен ризик за инфлацијата. Сепак, посочуваат дека зголемените профитни маржи во последниве години можат да неутрализираат дел од повисоките трошоци и да придонесат за намалување на ризикот од повисока инфлација.

Според „Фич“ банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот од 18,1% е на највисоко ниво во последните 17 години.

“Кредитната активност забави сведувајќи се на 5,1% во декември 2023 година, а забавуваат и цените на недвижностите како резултат на затегнатата монетарна политика и преземените макропрудентни мерки“, стои во извештајот.

Агенцијата ги нагласува и поволните трендови кај денаризацијата, којашто е зголемена и го достигна нивото од 49,8% на крајот на 2023 година, со што се надминаа негативните ефекти забележани од почетокот на војната во Украина. За ова придонесуваат и последните остварувања кај депозитите коишто упатуваат на зголемено учество на денарските и долгорочните депозити на населението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заменик министерот за здравство Хасани, кој си поднесе оставка се врати на работа

Редакција

(Фото) Дечиња во Штип продаваа сок на пазар за да соберат донации за Симона

Редакција

Убава вест: Оздравени 307 заразени од Ковид-19, најмногу од Скопје 71

Редакција