СВР Струмица поднесе кривична пријава за градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, кадар на владејачката СДСМ, кој по вторпат е на оваа функција, и вработена во Одделение за урбанизам на Општината.
„Првопријавениот во својство на градоначалник на Општина Богданци, во периодот од 17.05.2021 до 15.06.2021 година, по претходно спроведена јавна набавка и договор склучен со најповолен економски оператор, со средства од буџетот на Општина Богданци извршил изградба и реконструкција – поставување на бехатон на КП 9458 КО Богданци која е во приватна сопственост, без да се спроведе постапка за експропријација, на начин што свесно оваа парцела ја прикажал како дел од ул. Крсте Мисирков во Богданци, бидејќи за истата нема и не може да има соодветна дозвола за градба и на тој начин спротивно на ДУП на Општина Богданци, спротивно на Закон за експропријација и без соодветна дозвола за градење , со буџетски средства бесправно е изградена приватна КП 9458 КО Богданци, во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на Општината.
Второпријавената, вработена на работно место помлад соработник – урбанистички планер во Одделение за урбанизам и градежништво во Општина Богданци, со овластување дадено од првопријавениот, задолжена како одговорно лице за следење на текот на постапката за изградба и реконструкција на улици на територија на Општина Богданци, иако била должна да знае дека наведената КП е во приватна сопственост, дека согласно ДУП за Општина Богданци на истата не може да се вршат градежни активности, бидејќи нема соодветна дозвола за тоа и не е спроведена постапка за експропријација, сепак го пропуштила надзорот кој била должна да го спроведе со несовесно постапување во вршење на своите законски овластувања и во ниту еден момент не реагирала на незаконските постапки со што овозможила бесправно со буџетски средства да се изгради приватна парцела КП 9458 за КО Богданци во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на Општина Богданци.
Со горенаведеното првопријавениот сторил кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување и бесправно градење, а второпријавената сторила кривично дело – несовесно постапување во службата“, информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.