Националното биро за осигурување (НБО) соопштува дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто-осигурување.
Посочуваат дека процентот на пораст секоја осигурителна компанија сама го дефинира, зависно од деловната политика и направената анализа.
Оттаму објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека, како што велат, бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.
„Порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција.
Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто.
Истовремено цената за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена,“ соопштуваат од Националното биро за осигурување, истакнувајќи дека цената на осигурување од автоодговорност во Македонија е најниска во регионот.
Од НБО посочуваат дека предходната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и велат дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании во оваа класа, делувајќи демотивирачки на понудата на оваа полиса.
„Без поскапувањето овој бизнис е неодржлив и ќе биде полека напуштен од страна на осигурителните компании.
Финансиските институции имаат обврска да работат по строго дефинирани одржливи параметри, со цел зајакнување на стабилноста на финансискиот систем.
Како потсетување, во 2008 година цената на автомобилската одговорност беше намалена за 30 отсто, но, денес условите за работење се променети и неодржливо е за осигурителните компании да работат со цени на ова ниво,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Регистрацијата на возилата поскапува за 15%, зголемена е цената на осигурувањето