еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Од говорницата во ОН Сиљановска Давкова побара праведно деблокирање на преговорите со ЕУ

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање на генералната дебата на 79. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, синоќа побара праведно деблокирање на преговорите на Македонија со Европската Унија (ЕУ).

„Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.

Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените вредности и принципи, вградени во основните уставни документи“, рече таа меѓудруго во своето обраќање и додаде, дека европската реунификација е „како недовршена симфонија без нас“, а интеграцијата е клучна за демократскиот развој.

Таа очекува дека целосната интеграција на Балканот ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

„Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balcanicus може да биде Homo Europicus кога сака“, рече таа.

Таа на почетокот од обраќањето сподели детали за македонскиот случај.

“Поупатените знаат за сцилите и харибдите низ кои помина и се уште поминува мојата татковина, малата балканска држава, која што иако индиректно, како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на Обединетите нации, при приемот во ООН во 1993 година се соочи со голема неправда„, рече претседателката.

Таа пред претставниците на државите-членки на ОН потсети дека земјава во 1993 година била примена во организацијата под привремена референца и и било наложено да го реши спорот за името, а по Преспанскиот договор од 2018 година „Република Македонија формално-правно станала Република Северна Македонија“.

За првпат го употреби и уставното име.

„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава, Република Северна Македонија, како одговорна земја-членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски, но членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно последен услов за уште една уставна промена, но не за членство, туку за почеток на преговорите, и тоа по вторпат.

За нас членството во ЕУ по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи на Европската комисија наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот ‘уште само овој услов, уште само оваа отстапка, уште само оваа уставна измена“. Така станавме sui generis држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен Западен Балкан“, рече таа.

Во вториот дел од своето обраќање, таа се осврна на глобалните проблеми со мирот, сиромаштијата и развојот, посочувајќи дека има растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во нив.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се изживуваат врз нас и се испраќа лоша порака кон македонските граѓани, вели Мицкоски за раздвојувањето на Македонија и Албанија на европскиот пат

Македонија ќе почне преговори со ЕУ кога ќе ги внесе Бугарите во Уставот, порачаа од Европската комисија

Задоволство во Бугарија оти Македонија ќе се одвои од Албанија на европскиот пат

Фото: Кабинет на претседателката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска средба за францускиот предлог на партиите од владината коалиција

Редакција

Настел продаде уште 212 акции на Реплек

Редакција

Редовните прегледи значат живот: Со магнетна резонанца се откриваат проблеми на срцето

Редакција