еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Обој го светот во вранец-црвено: По шести пат се одбележува Светскиот ден на вранецот

5. Октомври – Светскиот ден на вранецот, водечката регионална автохтона сорта и дел од нашето национално винско наследство, и годинава се одбележува во организација на Здружението „Вина од Македонија“.

Манифестацијата која по шести пат се одржува токму во нашата земја има за цел да ја интернационализира оваа уникатна сорта, да го популаризира нејзиниот исклучителен квалитет и карактеристики пред винската елита ширум светот и да го позиционира вранецот сѐ повисоко на светската винска мапа.

Оваа година Светскиот ден на вранецот ќе се одбележи в сабота, 5. октомври, во Националната опера и балет, со Вински салон на кој винските љубители ќе имаат можност да дегустираат вина од сортата вранец.

Во рамки на манифестацијата, специјален концерт ќе одржи минатогодишниот „Амбасадор на вранецот“, Казухиро Котетсу, кој е основач на Токискиот камерен оркестар  „Вранец”.

На настанот ќе присуствуваат и над 20 интернационални вински новинари, експерти во областа на виното, кои во деновите пред прославата ќе посетат македонски винарници со цел да се запознаат со македонската винска индустрија, да пробаат квалитетно македонско вино и да ја промовираат нашата држава како винска земја пред бројни читатели на светски познати магазини како Forbes, Decanter, BKWine и WineSofa.

„Горди сме што Денот на вранецот секоја година станува сѐ позначајна манифестација на глобалната винска сцена, придонесувајќи оваа наша автохтона сорта да биде што пошироко препознаена и да го добие своето место во винскиот свет.

Врвниот квалитет на вината создадени од оваа сорта и нивните уникатни карактеристики редовно добиваат највисоки оцени и признанија од винските експерти на светските вински натпревари, но и од сѐ поголем број љубители на виното на странските пазари.

Тоа е потврда дека со востановувањето на овој Ден направивме вистински чекор, но и дополнителен мотив да продолжиме со проектите за понатамошна интернационализација на вранецот. Со нив секако ја презентираме и македонската винска индустрија и Македонија како винска сила со сериозен потенцијал,“ изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“, кое во 2019 го иницираше одбележувањето на Светскиот ден на Вранецот, во соработка со регионални вински здруженија и винарници.

Традиционално, главен поддржувач на настанот е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оваа година, на организацијата се приклучува и Јапонската амбасада, која ја прославува 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Јапонија, како и Министерството за култура и туризам.

Иако вранецот традиционално се поврзува со Црна Гора, оваа сорта е широко распространета низ целиот балкански регион. Во Македонија, таа зазема најголема површина, претставувајќи околу 50% од вкупните лозови насади и речиси 70% од сите црвени сорти.

Вранецот е основа за производство на суви вина со уникатен и препознатлив вкус, кои го симболизираат винскиот идентитет на Балканот. Вината од оваа сорта се меѓу најнаградуваните на престижните светски вински натпревари, што дополнително го истакнува нивниот растечки углед.

Љубителите на виното заинтересирани да го посетат Винскиот салон, кој се одржува по повод Светскиот ден на вранецот, можат да добијат повеќе информации на vranecworldday.com.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од утре почнува сезоната за ноќно скијање на Пониква

Редакција

Обновена и пуштена во употреба бензинската станица на „Макпетрол“ во Свети Николе

Редакција

(Фото) Кој дојде на прославата на ССК во „Воденица-Мулино“

Редакција