Бугарија и уште седум земји ставија вето за отварање на третиот кластер од преговорите на Србија со Европската Унија (ЕУ).
Србија која преговорите ги започна пред десет години е блокирана поради неусогласеноста на земјата со надворешната политика на ЕУ и санкциите за Русија, нејасното геополитичко определување на земјата и проблеми во владеењето на правото и во односите со Косово.
Другите земји се Естонија, Летонија, Литванија, Шведска, Финска, Холандија и Хрватска, откри српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој изјави дека му е јасно зошто неговата земја добила вето од Хрватска, но не му е јасно што Србија и згрешила на Бугарија.
„Бог да ме праша што сме им згрешиле на Бугарите, не би знаел да му кажам и објаснам. Мислам дека разбирам кои се вистинските причини, но знам дека нема да ги слушнете. За Хрватите сѐ ми е јасно, тука немам проблем да сфатам“, изјави Вучиќ.
Унгарија која до крајот на месецов преседава со ЕУ за следната недела закажала нов состанок за отварање на кластерот, а меѓувладината конференција требаше да се одржи меѓу 16 и 20. декември.
„Им благодарам ако го отворат третиот кластер, им благодарам и ако не го отворат. Важно е да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив. Ние ќе се потрудиме следната година да бидеме најбрзо растечката економија во Европа“, кажа Вучиќ.
Фото: Унсплеш