Битола оваа зима ќе заблеска во празничен сјај со нова и досега невидена атракција – професионално лизгалиште кое ќе биде поставено на амбиенталниот плоштад Магнолија, информираат од Општината.
Оваа централна атракција ќе го означи и официјалното отворање на годинешната Зимска приказна под слоганот „Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“, која ќе трае од 20 декември до 6. јануари.
Лизгалиштето ќе биде достапно за сите граѓани и посетители на градот во текот на еден цел месец, нудејќи забава и зимска магија за сите генерации. Според најавите од Општина Битола и ЈП „Паркинзи“, подготовките за поставување на оваа празнична инсталација започнуваат овој викенд.
Во овој период, граѓаните се замолуваат за трпение и разбирање, бидејќи просторот околу плоштадот ќе биде привремено адаптиран за техничките подготовки и монтажата на лизгалиштето.
„Покрај лизгалиштето, Зимска приказна ќе понуди богата програма со празнични активности и содржини кои ќе го исполнат духот на празниците. Внимателно осмислените декорации, музиката во живо, креативните работилници и забавните програми за деца и возрасни ќе бидат само дел од магијата која ќе се случува на плоштадот Магнолија.
Посебна благодарност се упатува до битолските компании кои ја поддржаа реализацијата на Зимска приказна 2024. Нивната поддршка е клучна за креирање на овој празничен амбиент кој ги надминува границите на градот, претворајќи ја Битола во вистинска празнична туристичка дестинација,“ велат од Општина Битола.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) Битола како новогодишна бајка
Фото: Општина Битола