Сојузот на Здруженија на лица со дијабетес (СЗДСМ), во името на 23 локални организации на лица со дијабетес и во името на над 130.000 лица со дијабетес во државата, изразува огромно незадоволство од усвоениот Буџет во делот за програмата за инсулинска терапија.
„Сумата од 860 милиони денари е оставена истата како и претходната година, а во 2025 очекуваме распишување на нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027 година, а имавме и ветувања и од Mинистерот за здравство, Арбен Таравари, за зголемување на опфатот на бројот на лица со дијабетес со модерни помагала (CGM сензори и инсулински пумпи), кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.
Со ваков буџет нема да можат да се покријат и досегашните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, да не зборуваме за помагала кои веќе се достапни во земјите околу нас (Босна и Херцеговина, Косово и Србија).
Согласно искуството од претходните години буџетот се зголемувал од година во година, а сега е оставен ист како од претходната година, во година кога знаеме дека ќе требаат поголеми средства,“ се вели во соопштението.
Сојузот е загрижен дека, поради недостаток на буџет, ќе се намали квалитетот на инсулин и терапија за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8% од населението (а претпоставките од лекарскиот кадар се дека има не-дијагностицирани уште минимум 2-3%).
Трендот на појава на дијабетесот во нашата држава е нагорен, а за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за да оваа популација да има најсовремена терапија и помагала за живот.
„Како најголема пациентска организација во Македонија во изминатиот период ги следевме и објавуваме реакција на наши членови за периодични недостатоци на инсулинска и анти-дијабетна терапија.
Од нашите локални здруженија се добиени очекувања дека ќе биде зголемен бројот на пациенти кои се поставени или ќе бидат поставени на терапија со најновата генерација на инсулини и на анти –дијабетна терапија и дека конечно ќе може да добиеме, CGM за сите со Тип 1 дијабтес (тоа се околу 3.500 лица во Македонија) и модерни глукомери и ленти од најновата генерација (кои во согласнотс со ISO стандардите, и тие на ЕМА и ADA) кои се со подобар квалитет,“ се додава во соопштението.
Од таму апелираат до сите инволвирани страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нашите потреби и очекувања и да го запазиме континуитетот во подоврувањето на третманот на нашите пациенти.
„Ние како СЗСДМ сме сериозен и посветен партнер во грижата за пациентите со дијабетес и поради тоа бараме и очекуваме да бидеме активно вклучени во сите чекори при дефинирањето на новиот тендер. Бараме наш претсавник/ци да биде дел на средбите и работата на Националната комисија за дијабтес. Само со ваква соработка ќе покажеме дека декларативната поддршка на сите наши партнери и владини институции ќе биде демонстрирана во реалност.
Во спротивно, Сојузот, локалните здруженија, ќе ги организира сите над 130.000 лица со дијабетес и членовите на нивните семејства, во активно покажување на нашиот револт пред здравствените и владините институции во Македонија.
Дополнително, ќе ги известиме сите меѓународни здравствени институции на Европско и светско ниво за третманот на лицата со дијабетес во Македонија, како и за не обезбедувањето предуслови за задржување и зголемување на потребниот квалитет на терапија и помагала за лицата со дијабетес во нашата држава,“ се додава во соопштението.
Фото: Unsplash