Администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп ги почна подготовките за преговори со Русија за Украина, без Европската унија.
Во следните денови се планира и средба на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во Саудиска Арабија, а во меѓувреме веќе е познат составот на американскиот тим за преговорите, кој ќе го предводи американскиот државен секретар Марко Рубио, кој ќе се сретне со руските преговарачи најверојано веќе утре, пренесуваат американските медиуми.
На разговорите со руските претставнцици не е поканета и Украина, а Рубио веќе разговарал за мировните преговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Се уште нема информации кој ќе ја претставува Русија на средбите, а Рубио ќе го придружуваат советникот за национална безбедност, Мајк Волц и специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Денеска пак во Париз, Франција, францускиот претседател Емануел Макрон ќе одржи состанок на европските лидери во врска со Украина и преговорите.
На состанокот ќе учествуваат лидерите на Германија, Обединетото Кралство, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и Данска, како и претседателите на Европскиот совет и Европската комисија и генералниот секретар на НАТО.
Тридневната Минхенска безбедносна конференција која заврши пред неколку дена јасно ги потенцира разликите меѓу САД и ЕУ по прашањето на Украина, но и го откри антагонизмот меѓу двете администрации и слабостите и неподготвеноста за акција на Европа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сергеј Лавров ќе го предводи рускиот тим за преговорите за Украина со САД, кои почнуваат утре
Фото: Руско МО