еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Трговците незадоволни од ограничувањето на маржите

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун изразува сериозна загриженост во врска со вчерашните одлуки на Владата, кои беа соопштени од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

1.000 прехранбени и непрехранбени производи ќе имаат ограничени маржи

-Според овие одлуки, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат.

Сепак, забележуваме дека во својата изјава, заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин.

Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.

Исто така, иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1.000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3.000-4.000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.

Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија.

Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност.

Со вакви избрзани одлуки, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста.

Поради горенаведените причини, Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун бара итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да ги разгледа последиците од овие одлуки и да ги земе предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност.

Овој наш став, од неофицијални извори, го делат или го поддржуваат сите компании што се занимаваат со трговска дејност. Овие компании вработуваат 4.700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата, велат од таму.

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Автомобил му го пресекол патот: 14-годишно момче загина со мотор во сообраќајна несреќа во Илинден

Редакција

Преговорите Русија-Украина продолжуваат онлајн

Редакција

Убава вест: Помали трговски објекти од Куманово почнаа да работат со скратено работно време

Редакција